
Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска постигна исклучителен успех на 41. издание на Меѓународните документарни награди (ИДА) во Лос Анџелес, освојувајќи две значајни признанија — за најдобар документарен филм и најдобра камера.
„Ова е мојот најличен филм досега. Го посветувам овој успех на сите документарни воини ширум светот“, изјави Котевска по триумфот.

Наградата за најдобра камера ја доби кинематограферот Жан Дакар, чија визуелна работа силно придонесува за уметничкиот израз на филмот.
Меѓународните документарни награди се меѓу највлијателните признанија во документарната индустрија и важат за силен индикатор за успех во оскаровската трка. Голем број добитници на овие награди традиционално се наоѓаат и на оскаровската листа на номинирани, а често и меѓу победниците. Овој успех ги зацврстува шансите на „Силјан“ во двете категории во кои се натпреварува оваа сезона.
Потесниот избор за Оскарите ќе биде објавен на 16 декември, а финалните номинации ќе се соопштат на 22 јануари 2026 година.

Македонски







