Skip to main content

Македонската композиторка Ана Пандевска ќе ги претстави своите дела на фестивалот ЕКЛАТ во Штутгарт

Македонската композиторка Ана Пандевска ќе ги презентира своите дела на престижниот фестивал за современа музика ЕКЛАТ, кој од 4 до 9 февруари 2026 година ќе се одржи во Штутгарт, Германија. Нејзината програма, посветена на современите авторски и уметнички практики, ќе вклучува две музички композиции и едно видео, создадено во соработка со македонската режисерка Анастасија Лазарова Пилинг.

Двете музички дела ќе ги изведе реномираниот вокален ансамбл „Ноје вокалсолистен Штутгарт“. Првото, „Electroacoustic mantra – From ex YU to EU“ (2022/2023), ги истражува границите на мантрата како чин на повторување, инспирирано од долгогодишниот и сложен пат на Македонија кон европската интеграција. Преку вокални и електронски структури, делото го проблематизира трансформирањето на државниот и идентитетскиот наратив, медиумското повторување и политичките ритуали, вклучително и драматичната промена на името – од Република Македонија, преку Поранешна Југословенска Република Македонија, до Македонија.

Второто дело, „From ex YU to EU – Pass the Word / Clap Game“ (2025), е иронична кода на првото. Во него, бирократската и дипломатската комуникација се претвора во апсурдна игра со правила, вето и регулативи. Хуморот служи како ослободувачки механизам, но зад насмевката останува критичката порака за бескрајното чекање, културната адаптација и надворешните блокади кои ја следат Македонија во контекст на уставни, јазични и идентитетски прашања.

Заедно, двете композиции ја следат емоционалната одисеја на една нација – од искрената желба за припадност до свесната иронија по децении транзиција. Ана Пандевска го поставува прашањето кое одекнува подлабоко од музиката: „Како звучи прогресот кога никогаш целосно не пристигнува?“

Поврзани вести