Skip to main content

„Македоника литера“ го објави романот „Мојенка“ од Олга Стехликова со илустрации на Андреа Тахези

„Македоника литера“ неодамна го објави романот за деца и млади „Мојенка“ од чешката писателка Олга Стехликова и со илустрации на Андреа Тахези. Преводот од чешки јазик е на Наталија Тоневска Каровска.

„Мојенка“ е трогателно, поетско четиво полно со љубов кон природата и претставува емпатична, чувствителна приказна за сериозна болест, за сериозни читатели и зрели деца. Книгата е поучна и за природата и за семејните односи, и за децата и за возрасните. Преку детскиот поглед на светот, книгата овозможува запознавање на светот, природата, растенијата, шумата, животните, инсектите и човечките доблести. Освен тоа, таа е полна со интересни факти од животинското, растителното и шумското царство што читателот  го прави уште пољубопитен за природата. За овој роман Стехликова ја доби наградата „Златна лента 2023“– во категоријата книги за постари деца и млади.

Мојенка е десетгодишна ученичка која расте во близината на Прага. Пред сè, таа ја сака природата. Љубовта кон животните ѝ ја всадила мајка ѝ, природонаучник која предава на универзитет, и која ја научила Мојенка од мала да ја препознава и заштитува природата, како и да биде храбра и самоуверена. Мојенка добро ги користи сите овие карактеристики кога еден есенски ден нејзината мајка мора да оди на операција и оттогаш се бори со тешка болест. Олга Стехликова ја развива оваа чувствителна тема со неверојатна емпатија – благодарение на ликот на таткото, кај кого сè уште има малку хумор. Приказната е комбинирана со описи на моментите споделени со нејзината мајка и авантуристичките патувања на Мојенка во шумата, на фарма со животни и на училиште. Но, всушност, приказната се однесува на турбулентниот свет на едно адолесцентно девојче. Овој роман е моќна приказна за девојче кое мора да се соочи со ситуација со тешка болест во семејството.

Книгата отвора повеќе прашања: Како да разговарате со дете кога еден од неговите родители тешко ќе се разболи? Што да му кажете? Што да изоставите? Како да бидете искрени? Како да ја ублажите болката? Никој не може да даде рецепт за тоа. Секое семејство е различно, секое дете е различно. Мојенка е прекрасно поврзана со циклусот на животот во природата, со дрвја и елени, мравки и диви свињи. Таа прекрасно зрачи со љубов кон природата и процесите што се применливи и во човечкиот живот. Но приказната за Мојенка не е водич за тоа како да се зборува за болеста, туку треба да се прифати како приказна можна меѓу многу други на оваа тема.

Олга Стехликова (родена 1977) е чешка писателка, автор на книги за деца, литературен новинар и уредник. Студирала бохе­мисти­ка, општа лингвистика и новинарство. Објавила три збирки поезија и четири романи за деца и млади (последниот наслов Мојенка, 2022). Добитничка е на неколку награди, меѓу кои и на највисоката книжевна награда во Чешка „Магнезија литера“. Нејзините песни се преведени на тринаесет јазици, а нејзините книги се објавени на германски, романски и словенечки јазик. Живее и работи во Прага.

Поврзани вести