
Претставата „Ноќта кога ја убив месечината“, својата 26-та изведба ја доживеа синоќа на полна месечина на Големо Езеро (2218мнв), Пелистер. Совршениот спој на вечноста отсликана низ отсјајот на полната месечина на површината на езерото и моќната енергија на актерите инспирирани од мирот и спокојот на природната сцена, надополнети со желбата на публиката да се доживее едно ново патување низ реалноста на секојдневието, ја направија оваа изведба многу повеќе од обична театарска уметност. Убавините на природната сцена на моменти делуваа и помалку нереално, а присутните ја проследија театарската претстава во неверување дека и тие се дел од еден магичен миг на вечноста.
Настанот беше организиран од НУ Народен Театар Битола, Битолскиот камерен оркестар, јавната установа Национален парк Пелистер со поддршка на Општина Битола.
„Голема благодарност до ТППЕ Битола и до сите кои помогнаа овој настан успешно да се реализира“, истакнаа организаторите.
Драмската претстава е во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања. Музиката за претставата беше во живо во изведба на членови од Битолскиот камерен оркестар. Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.