
Овој собир не е само професионална платформа, тој е израз на нашата определба културното наследство да го третираме не само како сведоштво на минатото, туку како жив, динамичен ресурс, клучен за развој на нашата заедничка европска иднина, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето обраќање.
Македонија, како земја со длабоки културно историски корени, го сведочи тоа преку бројни споменици, археолошки локалитети и традиции: од праисториското светилиште Кокино, преку античките градови Хераклеја, Стоби и Скупи, до духовното и културно богатство на Охрид, неговите цркви, икони и писмена традиција. Ова културно наследство не е само наше богатство, тоа е дел од европската културна меморија, дел од заедничката приказна на човештвото, тоа е темел на иднината што ја градиме заедно.
Во време кога предизвиците стануваат се покомплексни, соработката, размената на знаења и обединување на ресурсите претставуваат клуч за зачувување на ова вредно богатство.
Затоа денес сме тука не само да говориме за наследството, туку да го ставиме во нов контекст -како двигател на современиот културен и општествен развој.
Наследството не смее да остане тивко сведоштво. Нашата задача е да му дадеме нов живот преку дигитализацијата, иновативните пристапи во интерпретацијата, преку образованието, туризмот и, најважно преку вклучувањето на младите генерации како негови идни носители.
Токму во овој контекст европските програми: Креативна Европа, Еразмус+, Хоризонт Европа и друг вид инструменти на ЕУ како: ИПА, Интеррег, играат суштинска улога.
Тие ни овозможуваат не само финансиска и техничка поддршка за поместување на географските и секторските граници преку можностите за вмрежување, размена на знаења, мобилност на професионалците, но и ни отвораат нови хоризонти поттикнувајќи нови креативни и иновативни пристапи за одржлив развој.
Горди сме што се поголем број македонски музеи, заводи, истражувачки и образовни институции, универзитети и граѓански организации, се активни и успешни партнери во европските проекти. Нивниот успех е резултат на посветеност, професионализам и визија дека културното наследство и културата се најмоќниот амбасадор на секоја земја. Тие не само што го афирмираат нашето културно богатство надвор од границите, туку и внесуваат нова енергија и иновативност во секторот.
Министерството за култура и туризам активно ја следи Европската агенда за култура и ја поддржува вклученоста на нашите културни институции и организации во европски мрежи, платформи и проекти кои придонесуваат за унапредување на европската културна соработка. Во таа насока, ве охрабруваме да се обратите до Одделението за Креативна Европа, кое делува како информативна и советодавна канцеларија за Програмата Креативна Европа, обезбедувајќи и техничка поддршка при подготовка на вашите предлог проекти.
Дополнително, преку новата веб-страница на Канцеларијата за Креативна Европа, имате можност да пристапите до сите релевантни информации и ресурси потребни за успешно аплицирање.
Нашата визија е јасна: да ја засилиме европската димензија на македонската културна продукција, да го поттикнеме учеството на младите професионалци, и да го поставиме културното наследство како движечка сила на одржливиот развој, туризмот, образованието и меѓународната соработка.
Културата е јазик што сите го разбираме, без разлика на потеклото, границите или различностите. Таа е сила што не обединува, ни овозможува да градиме мостови, да го прошириме видикот и да ја осознаеме вистинската вредност на заедништвото.
Културното наследство е токму таа основа врз која се гради довербата, почитта и долгорочна соработка меѓу народите. Но, во ерата на дигитализацијата и климатските промени не е доволно само да го зачуваме културното наследство туку и да го оживееме, да го приближиме и да го направиме достапно до сите европски граѓани.
Верувам дека „Европскиот културен простор“ не е само визија, туку реалност што сите ние заеднички го обликуваме.
На крајот, сакам да изразам искрена благодарност до сите партнери и учесници на овој настан за вашата посветеност и ентузијазам. Вие сте чувари на вредностите што не обединуваат и двигатели на новото културно поглавје што заедно го пишуваме.
И токму затоа, дозволете ми да упатам јасна порака:
Ги охрабрувам сите културни институции, организации и поединци во нашата земја активно да се вклучуваат во европските иницијативи. Да ги искористиме можностите за соработка, размена и развој. Нашата култура има што да понуди, а Европа има што да добие од нас. Културното наследство не му припаѓа само на минатото туку и на иднината што ја создаваме денес. Затоа да ја создадеме таа иднина заедно, со гордост, со одговорност и со визија.