Skip to main content

Љутков: На 20 јуни ќе бидеме сведоци на силата на културата да обединува и да потсетува дека она што нè поврзува е поголемо од она што нè разделува

Во време кога светот се соочува со многубројни предизвици и поделби, културата останува еден од најсилните простори за дијалог, соработка и зближување меѓу луѓето и народите. Таа нè потсетува дека и покрај сите разлики, споделуваме исти вредности и исти надежи, рече на денешната прес конференција по повод заедничката изведба на Кармина Бурана од Македонската, Софиската и Солунската филхармонија, министерот за култура, Зоран Љутков.

Токму затоа, со особено задоволство денес го најавуваме концертот што на 20 јуни повторно ќе ги обедини Скопје, Софија и Солун во едно големо музичко доживување.

Под отворено небо во Градскиот парк, Македонската (Националната) филхармонија, заедно со Софиската и Солунската филхармонија, ќе ја изведе величествената „Кармина Бурана“ од Карл Орф, дело чија моќ и универзална порака со децении ги обединува луѓето низ светот.

Особено радува фактот што овој концерт ќе биде подарок за граѓаните. Бесплатен и достапен за сите. Знаете, културата има најголема смисла тогаш кога излегува од салите и институциите и станува дел од секојдневниот живот на луѓето. Големата уметност не треба да познава бариери, туку треба да допира до што повеќе луѓе.

Убеден сум дека на 20 јуни ќе бидеме сведоци на вечер што долго време ќе остане во нашите сеќавања не само поради величествената музика на Орф, туку и поради тоа што сите заедно ќе бидеме обединети околу нешто што е убаво, возвишено и заедничко.

Горди сме што во оваа изведба учествуваат врвни уметници од трите земји, меѓу кои и нашата светски призната сопранистка Ана Дурловски. Нивниот заеднички настап ќе биде уште една потврда дека културата и уметноста,говорејќи на јазик што сите го разбираат, ги надминуваат границите.

Сакам да истакнам дека овој настан има и посебна симболика за нашата земја. Пред повеќе од две децении, токму Македонската филхармонија беше иницијатор на идејата за Балканска филхармонија, обединувајќи музичари од регионот во име на уметноста и заедничките вредности. Претстојниот концерт на трите филхармонии само ја продолжува таа благородна традиција.

Верувам дека на 20 јуни нема да бидеме сведоци само на извонредна изведба на едно ремек-дело. Ќе бидеме сведоци на силата на културата да обединува, да зближува и да потсетува дека она што нè поврзува е секогаш поголемо од она што нè разделува.

Ги поканувам сите граѓани и сите вас да бидете дел од оваа единствена вечер.

Поврзани вести