Денеска се прославува Василица или Стара Нова година. Па, додека уште сме во атмосфера на новогодишните и божикните празници разговаравме со луѓето кои оваа година го направија Скопје и Железничката станица да бидат најмагичното место во земјава.
„Нема помагично место на земјата од Њујорк во декември“, рече директорката на Њујоршкиот музеј на железницата, Кончета Бенчивенга за „Пост“ додека на читателите им ја објасни програмата „Празнична носталгија“ со која патниците кои ќе се качат на возот ќе имаат „шармантен потсетник на историјата на транспортот во Њујорк“ и ќе се вратат години назад.
И навистина, многубројните посетители со задоволство зачекорија назад во времето, влегоа во возот и се возеа низ Менхетен облечени во костими од 1950-те. Фотографиите и видеата од овој настан кои го обиколија светот сведочеа за задоволството со кое му пристапија на проектот.
Но, не беше само Њујорк магично место за празниците. Подвигот кој ни го приредија Игор Ивковиќ и Миодраг Костиќ од училиштето за театар „Од игра до претстава“ во соработка со ЈП Македонски железници АД Транспорт и Македонски железници – Инфраструктура уште долго ќе го паметиме. Станува збор за мултимедијален новогодишен настан насловен „Дедо Мраз дојде со воз“, што за новогодишните празници се одржуваше на Железничката станица во Скопје. Не само што настанот беше малку поинаков, туку продуцентот, Миодраг Костиќ и режисерот и автор на текстот Игор Ивковиќ осмислија и реализираа една поинаква содржина, на радост на сите што тие денови беа на Железничката станица.
Проектот ја оживеа Железничката станица која со години тоне во заборав. Оживеа и музејскиот простор на Железничката станица за кој малкумина знаат дека постои, каде е изложена целата архивска документација за 151 година постоење на Македонски железници, а реставрирале и локомотива од 1942 година, серија 33, и вагон што е изработен 1950 година и бил во употреба до крајот на 1970-тите години.
Ванчо Милошевски од „Македонски железници“ ни раскажа дека вагонот е реставриран по урнекот на „Ориент експрес“ што сообраќал од Лондон до Истанбул.
Актерите Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Мила Трајковски, Ведра Димова и Александар Спироски и учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“ со својата енергија и актерска игра правеа одличен перформанс за присутните.
Музејскиот дел беше првата станица каде дечињата ги пречекуваат помошниците на Дедо Мраз и Снешко. Потоа заминуваа заедно во контролната соба, каде преку мултимедијалната претстава го следат доаѓањето на Дедо Мраз кој патува од Лапонија кон Скопје. Три елени, репортерка јутјуберка, Железничарот и Снешко ги забавуваат и едуцираат децата, а кулминација беше качувањето на перонот број 1. За воља на вистината многу од дечињата за прв пат имаа можност да го погледат сето ова. И музејот и возот и перонот број 1…Затоа е многу важен овој проект. Нема само забавен каратер, туку е едукативен. Восхитените сјајни очиња и насмеаните лица на дечињата кои едно по едно влегуваа во вагонот реставриран налик на ресторанот на „Ориент експрес“ каде ги чекаше Дедо Мраз и им подели пакетчиња, беа доказ дека проектот е полн погодок, оригинален, несекојдневен и интересен.
Продуцентот Миодраг Костиќ вели дека идејата за проектот ја добил затоа што додека тој бил дете Дедо Мраз доаѓал со хеликоптер на Плоштад во Скопје, но повеќе тоа не се случува и почуствувал потреба тие да го донесат Дедо Мраз во Скопје, но овој пат со воз.
Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата.
Режисерот на претставата и автор на текстот, Игор Ивковиќ, вели дека навистина бил голем предизвикот да се направи претстава во која ќе се инкорпорираат сите елементи на железницата, да не биде само едукативна, да биде и забавна и да го задржи вниманието на децата кои денес се повеќе се под влијание на интернетот и социјалните мрежи.
Најмладите, но и сите возрасни што веруваат во Дедо Мраз, годинава имаа уникатна можност да го следат големото доаѓање на Дедо Мраз во Скопје, со вистински воз, на перонот бр. 1 на Скопската железничка станица Се врати магијата на патувањето со воз и Скопје беше најмагичното место овие празници
Подготвија:
новинар: Невена Поповска
фото/видео: Александар Ивановска
монтажа: Александар Арсовски