
Утре, на 18 декември во 19 часот на сцената на Театарот за деца и младинци Скопје, премиерно ќе биде изведена најновата куклена претстава „Музиката на мојата птица“, во режија на гостинката од Србија Емилија Мрдаковиќ, работена по мотивите од романот на Ана Анисимова. Драматург е Драгана Лукан Николоски.

Играат: Матеа Јанковска, Ана Левајковиќ Бошков, Мартин Јорданоски и Владимир Лазовски.

Претставата „Песната на мојата птица/мојот допир“, е специфично театарско дело кое си игра со својот израз меѓу класична куклена претстава и играна претстава. Низ овој нестандарден формат, претставата сака да ни ја покаже разликата во обликот на она што е вистинско и она како едно слепо девојче го гледа светот и облиците во него низ својата тактилна призма. Ова е една адаптација на прозно дело која нема класична драматуршка структура. Во драмската предлошка е свесно и намерно изоставен конфликтот на главниот лик со надворешниот свет, со намера да се долови хармонијата во внатрешниот живот на едно девојче, за кое општеството смета дека на некој начин е посиромашно од останатите деца, бидејќи не е во можност визуелно да ја доживее средината во која живее. Ова е претстава која сака да им покаже на децата, а и на возрасните, дека секој може да биде среќен со она што природата му го дала, бидејќи и она кое општеството го доживува како хендикеп, може да биде предност доколку детето расте со многу љубов и разбирање од средната во која се наоѓа. Ова е претстава која е топла и емотивна приказна за еден скриен агол од светот во кој среќно функционира едно семејство кое се спротивставува на стереотипите и ги надминува пречките со многу топли чувства и емпатија, вели Лукан Николоски.

Идејното решение за сценографија, кукли и костими е на Адриана Добрева, композитор е Алексеј Мрдаковиќ, а дизјанот на промотивен материјал е на Бранкица Јордановска.

Следната изведба е на 19 декември.
фото: Театар за деца и младинци