Skip to main content

Концертот на Филхармонија што сите го сакаме

Цел нов свет од звуци, љубов, музика, среќни и задоволни лица донесе синоќешниот концерт на оркестарот на Филхармонија во Градскиот парк во Скопје на кој присустувааше неколку илјадна публика од сите возрасти.

Со концертот под отворено небо Филхармонија секој јуни во Парк во Скопје ја затвора успешната концертна сезона. Посетителите оваа година уживаа во волшебниот свет на анимираните филмови од продукцијата на „Дизни“.

Концертот под наслов „Фантазија“ го диригираше Тимоти Редмонд од Велика Британија, а оркестарот ја изведе музиката од безвременските филмски класици како „Кралот лав“, „Аладин“, „Снежно кралство“, „Убавицата и ѕверот“, „Малечката сирена“, „Покахонтас“, „Херкулес“, „Приказна за играчките“, „Книга од џунглата“. По големиот аплауз, музичарите на бис изведоа тема од „Пиратите од Карибите“. Паралелно со секоја песна, на двата големи видео-бима гледавме фрагметни од филмовите, а сценското осветлување внесуваше посебна магија.

Солисти на концертот беа сопранистката Биљана Јосифов, тенорот Денис Димоски и бас-баритонот Иван Наумовски, кои публиката ги награди со бурни аплаузи.

Секоја генерација си имаше свои фаворити. Повозрасните се присетија на Могли, Балу и Багира од „Книга на џунглата“, а помладите родители заедно со своите деца напамет и на цел гласи ги пееја песните од „Снежното кралство“.

Завршниот концерт на Филхармонија секоја година е тематски, без разлика дали станува збор за филмска музика, музика од 80-те, 90-те, или пак е посветен на еден изведувач, сите концерти се одлично посетени. Луѓето си носат ќебенциња, столчиња, деца во колички или на велосипеди, сите радосни и весели. Концерот на Филхармонија во Градскиот парк е концерт кој сите го сакаме.

Поврзани вести