Skip to main content

Концерт на македонската група КОД 369 во Македонскиот КИЦ во Софија

Во Македонскиот КИЦ во Софија на 12 декември 2025, со почеток од 18:30 часот, ќе се одржи концертот на македонскиот бенд КОД 369.

Целовечерниот концерт на музичката група КОД 369 (Памперс) ќе претстави авторска музика која е создавана во минатите 20 години и е сместена на шест албумски изданија со преку петнаесет официјални видео записи и телевизиски концерти за Македонска радио и телевизија. Публиката ќе може да проследи теми кои се наоѓале на водечките места на сите релевантни топ листи.

Бендот создава нови музички моменти на фанк, џез и класични инструменти, кои се вплетуваат во препознатливиот рок заедно со влијанијата од современата рок и поп музика. Нивната музичка мисла е секогаш на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп музика, зачувувајќи ја брилијантноста, слободата и авангардните идеи од првата категорија и прифатливоста на втората. Преку нивните текстови, може да се идентификуваат универзалните човечки и литературни вредности, љубовта како движечка сила и моќта на поединецот како двигател што ја дарува најдобрата верзија од себе.

КОД 369 се македонски бенд од Битола формирани во 2020 година: Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали), Иле Лулевски (тапани, придружни вокали) и Гоце Јованоски (бас гитара).

КОД 369 се продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на Памперс (Ирена Димовска, Даниел Митревски и Иле Лулевски), со издадени четири албуми, учества на сите релевантни фестивали во државата и регионот, гостувања со концерти во Лондон и Копенхаген, со три број еден синглови на регионалниот Ем-Ти-Ви канал и вкупно девет на нивните топ листи и бројни соработки со продуценти, издавачи и уметници од целиот свет.

Поврзани вести