Skip to main content

Книжевен портрет на македонската поетеса Јулијана Величковска во КИЦ Софија

Македонски КИЦ во Софија

Во рамките на одбележувањето на 20-годишнината на Македонскиот КИЦ во Софија на 27-ми ноември, се одржа свечен настан, посветен на поетесата Јулијана Величковска и нејзиниот уникатен поетски свет, оддавајќи почит на нејзиниот јазичен сензибилитет и културниот придонес.

Во благородната и тивка есенска светлина во четвртокот на 27-ми ноември Македонскиот културно-информативен центар во Софија претставуваше простор на едно возвишено книжевно собирање, на еден свечен настан, односно на „Книжевниот портрет на Јулијана Величковска“, поетеса која ја доби националната награда „Браќа Миладиновци“ за 2025 на годинешните Струшки вечери на поезијата за збирката песни „Рајсфершлус“.

Ова не беше само претставување, туку чин на почит: момент кога литературата слави едно цело творечко битие, едно поетско присуство што веќе одамна е вплетено во современата македонска лирска ткаенина.

Настанот привлече љубители на поезијата, книжевни познавачи, професори, писатели, преведувачи, дипломати и пријатели на македонската култура, кои имаа можност да се нурнат подлабоко во поетскиот универзум на оваа извонредна авторка.

Пред присутните говореа проф. д-р Зоран Пејковски, директор на Македонскиот КИЦ во Софија, Пејка Трајановска, заменик амбасадор во Македонската амбасада во Софија и д-р Поли Муканова, поетеса и преведувачка, чии проникливи погледи ја отворија комплексноста на поетскиот глас на Величковска, разоткривајќи ја истовремено и нејзината сензитивност и нејзината интелектуална сила.

Во рамките на настанот, за творештвото на Јулијана Величковска зборував и јас, настојувајќи да ја доловам суштината на нејзниот уникатен поетски израз. И токму тогаш, во живиот дијалог со присутните, стана јасно она што литературната јавност одамна го почувствува: дека нејзината поезија претставува егзистенцијално правило, основна координата во современата македонска лирска мисла, дека нејзиниот глас не е само индивидуален, туку и генерациски важен, јазичен показател и духовен ориентир.

Творештвото на Јулијана Величковска е редок пример за поезија која е истовремено кревка и силна, нежна и бескомпромисна. Нејзините стихови се место каде што телото говори, а тишината дише. Во „Рајсфершлус“ таа го спојува надворешниот свет со највнатрешните човечки сенки, правејќи од секое отворање на животот нова можност за разбирање. Поезијата кај неа не е украс, туку потреба, не е бегство, туку враќање, не е привид, туку чиста, исконска, прецизна светлина.

Но Величковска не е само поетеса. Таа е уредник, преведувач, организатор на културни настани – извор и двигател на поетски процеси.

Како основач на „ПНВ Публикации“, таа го создаде еден од најживите литературни простори кај нас; како директор на „Скопскиот поетски фестивал“, ја отвори сцената за нови автори; како програмски директор на „Поетска ноќ во

Велестово“, го продолжува пулсот на еден од најзначајните поетски ритуали во државата.

Нејзината библиографија е богата: „Комарци“ (2010), „Отворена книга“ (2017), „Рајсфершлус“ (2024), романот „Годишни времиња“, преведен и на бугарски јазик, детската книга „Ведра“, монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“, антологијата „Самодиви“… А зад сето тоа стои внатрешна дисциплина и длабока, неуморна љубов кон словото.

Јулијана Величковска е авторка со навистина редок поетски сензибилитет и јазична строгост. Од својата прва збирка песни таа покажува доследност, но истовремено и постојано нова лирска потрага. Секоја нејзина книга е самостојна поетска целина со јасна естетска, филозофска и емотивна визија.

Нејзината поезија е постојана борба со границите на јазикот, но и чин на духовно прочистување. Таа не пишува многу, и тоа не е случајност. Тоа е поетика на одговорност, на прецизност, на внатрешна дисциплина која ја признава само онаа реченица што е зрела, искрена и неопходна.

Нејзината поетска форма изгледа едноставна, но под неа се кријат длабоки слоеви, линии на тишина, резонанци на болка, и сенки што само внимателниот читател ќе ги забележи.

Затоа критичарите ја опишуваат како: „поет со длабока емотивна интелигенција“, „мајстор на тенката линија меѓу интимата и универзалното“, „глас што ја редефинира лирската традиција во Македонија“, „авторка чиј јазик е истовремено и болка и лек“, „една од најавтентичните и најдисциплинираните современи поетски појави“.

Од тие причини, нејзината поезија не е потрошна. Таа трае, зрее и се враќа кај читателот како мудрост што се открива постепено, со секое ново читање.

Со свои преводи на дваесет јазици, со книга на англиски под наслов „Expecting Lions“, со преводи на азербејџански, бугарски и многу други јазици, Величковска одамна ја надмина националната рамка. Нејзината поезија патува, и таа патува и го носи она човечко што е препознатливо насекаде.

При крајот на книжевниот портрет за Јулијана Величковска зборуваше и нејзиниот бугарски издавач Мартин Христов на Издавачката куќа „Ерго“ од Софија, и книжевното име и преведувач Роман Кисијов.

Вечерта во Софија беше повеќе од книжевен портрет. Тоа беше свечено потврдување на авторка која со своето творештво навистина го збогатува и го продлабочува современиот македонски поетски пејзаж. Јулијана Величковска продолжува да чекори со јасен, силен, препознатлив глас, глас што ја чува поезијата како нешто живо, нешто неопходно, нешто што нè прекројува одвнатре.

Во нејзините стихови светот се откопчува, тивко, прецизно, длабоко, и преку тој мал отвор, читателот конечно учи да дише со целата своја човечност. На крајот, од настанот, а по повод 20-годишнината од Македонскиот КИЦ во Софија, во знак на признание за нивниот придонес во приближувањето на културите и градењето на книжевни мостови меѓу Македонија и Бугарија на поетесата Јулијана Величковска и на преведувачката Поли Муканова им беа доделени Благодарници „Мостови на културата“.

Со тоа уште еднаш се потврди дека Јулијана Величковска, е поетеса чии збор не е само средство за изразување, туку средиште на постоењето, таа го трансформира јазикот во духовен простор, создава светови каде читателот станува соучесник во поетската трансформација. Нејзините стихови се богати со симболички и архетипски слоеви, со внимателно конструирани метафори што го спојуваат видливото и невидливото, материјалното и духовното.

Поврзани вести