
Книгата поезија „Само уште еден скок“ од Енис Хилми, ќе биде промовирана вечерва во 20 часот во „Лабораториум“ (нова локација, на паркинг зад старата Градска болница, 12. Македонска ударна бригада бр. 2а) во Скопје. Книгата ќе ја промовираат Весна Мојсова Чепишевска и Биљана Стојановска.
Енис Хилми станува повидлива на македонската културна сцена (не дека таа нема свое место на охридската, а последниве години и на берлинската) токму преку својата прва збирка раскази „Градот што не го засакав на прва“ со која ја освои наградата „Новите“ за 2024 година. И самиот наслов е доволно провокативен зашто се чита како контрапункт на онаа скоро излитена фраза „љубов на прв поглед“. Расказите ги исчитав во еден здив и толку сакав нешто да напишам за нив зашто скоро ми беа многу блиски по сензибилитетот на Јерговиќевиот „Сараевски Малборо“, по тој микс на емоции кои час се радосни, час горки, час возбудливи, час изненадувачки, час смирувачки, час вознемирувачки. А сега сфаќам дека оваа најновата „Само уште еден скок“ била пред таа за Берлин. Дека оваа љубов била пред тоа засакување на Берлин. Но, и дека оваа љубов е рамна на онаа во Константиновата „Т’га за југ“: „таму по срце в кавал да свирам / с’нце да зајдвит, ја да умирам“ – пишува Мојсова Чепишевска

Македонски







