Skip to main content
САЊА АРСОВСКА, АКТЕРКА

„Кататонија“ треба да еманципира млада публика, за тие да ги поправат грешките што ги направила нашата генерација, таа пред неа и таа пред неа

Република / Сања Арсовска: „Кататонија“ треба да ја погледне секој што сака да види и почувствува брутален театар, чист сценски приказ, комплексно изградени ликови

„Кататонија“ не е претстава која дава надеж, барем не во сцените, надежта треба да се разбуди кај публиката откако ќе го добие шамарот кој треба да ја освести дека ова вака веќе не оди, вели во интервју за „Република“ актерката Сања Арсовска, пред премиерата на претставата која е закажана за утре, 3 јуни, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ). Режисер е Васил Христов, а драматург е Викторија Рангелова-Петровска.

„Кататонија“ е работена по мотиви на драмскиот текст на британската авторка Алис Бирч (38), која во својата кариера работела на многу познатата и наградувана серија „Наследство“ (Succesion), потоа „Нормални луѓе“ (Normal people), авторка е на сценариото на филмот „Лејди Магбет“ што и донесе и награда. „Кататонија“ е копродукција на „Вондерленд театар“ од Скопје и на Националниот театар. Во претставата играат и Ања Митиќ, Игор Ангелов, Верица Недеска, Дениз Абдула, Владимир Петровиќ, Јасмина Василева, Јасмина Билаловиќ. Костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а сценографијата е на Христов.

Арсовска (38) е актерка во Драмски театар, каде што е актуелна со претставите „Хеда Габлер“ (режисер Васил Христов), потоа „Странци“, „Фирма“, „Мојот маж“ (сите во режија на Нела Витошевиќ). Таа смета дека младите треба да бидат привлечени од добар театар, а за „Кататонија“ вели дека треба да ја погледне секој што сака да види и почувствува брутален театар, чист сценски приказ, комплексно изградени ликови и милион емотивни осцилации.

Сања Арсовска: Театарот е секогаш добар дијагностичар и на времето и на местото каде се живее, / Фотограф: Петар Вулчев

Во најавата се вели дека во претставата се проблематизираат прашања поврзани со патријархатот, правосудниот систем, соочувањето со кривичен прогон, одземена слобода, затворски услови, соочување со злосторство.. Дали е тоа сликата на општеството во кое живееме?

АРСОВСКА: Не само во општеството во кое ние живееме, туку и во светот кој сѐ повеќе очајно се труди да опстане заради општествено поставените системи, заради застапување на погрешното, наспроти правилното, само затоа што една шака моќници така одлучила. И за жал, тоа не е само слика која ја набљудуваме од одредена дистанца, и никако не влијае на нас, тоа е состојба која психички нѐ обликува како луѓе. Ова е претстава за последицата од еден уништен свет, една емотивна дистопија, брутално психолошко распаѓање.

Дали навистина е толку сурова реалноста? Дали се живее само во екстремни ситуации, нема средина?

АРСОВСКА: Состојбата е екстремна и неподнослива, но, се разбира, дека ние самите определуваме како да одговориме. Сами одредуваме дали и како ќе реагираме на тоа што ни се случува, ќе се помириме или ќе се бориме. Она што можам да го кажам е дека ‘Кататонија’ не е претстава која дава надеж, барем не во сцените, надежта треба да се разбуди кај публиката откако ќе го добие шамарот кој треба да ја освести дека ова вака веќе не оди. Не ни е потребен театарот да ни го каже тоа, но тој може да ги предизвика да сфатиме дека ние не сме на овој свет да живееме есктремно, ние сме овде да вдишиме и малку убавина.

Каков е ликот или ликовите кои ги играте во претставата, бидејќи има 24 различни приказни и голем број различни ликови во „Кататонија“?

АРСОВСКА: Едните жртви, други креатори и одржувачи на еден трул систем во кој треба да се опстане. Сите ликови во претставата се длабоки, повеќедимензионални, сурови, саркастични, иронизирајќи ги општествените појави и процеси, индивидуално борејќи се истите да се променат или да ги одржат затоа што од тоа имаат лична корист. Едни дехуманизирани, други бледи остатоци од луѓе, некои изгубени, некои изгубиле многу, сите поврзани и испреплетени во емотивна сродност.

Дали драми напишани во стилот на „ин јор фејс“ драматургијата е полесно да се играат со оглед на времето во кое живееме?

АРСОВСКА: Театарот е секогаш добар дијагностичар и на времето и на местото каде се живее, а стилот “in-уеr- face” многу јасно ја презентира својата намера како да ги прикаже нештата, брутално, провокативно и впечатливо. Полесно е кога е нешто фиктивно, но, кога се играте нешто што секојдневно го гледате или живеете, тешко и како човек и како актер кој тоа треба да го пренесе преку одреден лик.

„Кататонија“ е напишана по мотиви на драмски текст на Алис Бирч, многу популарна британска авторка, која работела на многу познатата и наградувана серија „Наследство“ (Succesion), потоа Normal people, авторка е на сценариото на филмот „Лејди Магбет“ што и донесе и награда. Ќе ги привлече ли младите да дојдат и да ја гледаат претставата?

Сања Арсовска: Ова е претстава за последицата од еден уништен свет, една емотивна дистопија / Фото: Република

АРСОВСКА: Младите генерално треба да бидат привлечени од добар театар. Да, Бирч е една од најактуелните во Британија, авторка на едни од најдобите серии во последниве години и несомнено има вештина и техника да создаде добар дијалог, да портретира добри ликови во тв-проекти, но, нејзиниот театрски израз е некако поискрен, вистинит. Оваа претстава треба да еманципира млада публика, за тие да ги поправат грешките што ги направила нашата генерација, таа пред неа и таа пред неа. Секако, претставата не е таргетирана само за млада публика, туку за секој што сака да види и почувствува брутален театар, чист сценски приказ, комплексно изградени ликови и милион емотивни осцилации.

Кататонија е препознаена како посебен здравствен проблем во медицина. Тоа е сложена состојба која се појавува како синдром во различни нарушувања на расположението, медицински, невролошки и психотични. Како тоа се поклопува со насловот на Вашата претстава?

АРСОВСКА: Васил Христов е еден од ретките режисери кој не кокетира со публиката, не сака да е допадлив, да се умилкува, туку сака да е искрен, да ја прикаже реалноста, онаква каква што е, а таа е кататонична. Не зборувам само за театарската реалност, за онаа што излегува од сцените во претставата, зборувам за реалноста што ни се појавува при секое отварарање на телефон, при секое кревање глава, во секој ред додека чекаме на каса… од таму и насловот.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Поврзани вести