Skip to main content
Есенската културна програма почнa со изложбата на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ, поставена во излогот на Францускиот институт

Јовановиќ: Оваа изложба ја доживувам и како еден вид автопортрет – не портрет на мојот лик, туку портрет на моите погледи, сеќавања и творечки сојузништва

Француски траги – Лична историја на гледањето е насловена изложбата на Ѓорѓе Јовановиќ со која Францускиот институт ја започна програмата.

Оваа изложба ја замислив како своевидна лична мапа на сеќавања, влијанија и благодарност. Поставена во излогот на Францускиот институт во Скопје, таа не е обид за преглед на француската уметност, ниту за реконструкција или репродукција на делата на авторите што се појавуваат во неа. Сакав, пред сè, да покажам дел од личните траги што
неколку француски уметници, поети, музичари, филмски режисери и мислители ги оставиле врз мене и врз начинот на кој го гледам и разбирам светот, рече Јовановиќ на вчерашната средба и разговор кој се водеше во просториите н Францускиот институт.


Делата се групирани во неколку композициски целини, како фрагменти од една голема, нецелосна слика. Тие не се поврзани според строга тематска или историска логика, туку повеќе преку асоцијации, сеќавања и чувства. На некој начин, изложбата е еден вид личен визуелен архив – избор од автори чии дела во различни периоди ми биле важни, а чии
идеи и денес продолжуваат да одекнуваат во неговото творештво.

Една од најзначајните точки во оваа лична карта е надреализмот. Со него се сретнав уште во моите формативни, средношколски години и токму тогаш почнав да ја разбирам уметноста на еден поинаков начин. Автори како André Breton, Yves Tanguy и Claude Cahun ми отворија простор во кој реалноста не мора да биде фиксна и непроменлива, а
имагинацијата, сонот, апсурдот и слободната асоцијација можат да бидат еднакво важни начини на спознавање. Надреализмот за мене никогаш не остана само историски уметнички правец. Тој стана еден вид творечки принцип – слобода да се спојуваат навидум неспоиви нешта и од нив да се создаваат нови значења, раскажа Јовановиќ.

Во една од композициите се навраќа на Jean-Pierre Melville.

Тој е автор чиј филмски свет отсекогаш ме привлекувал со својата тишина, осаменост, дисциплина и невидливи
кодекси. Не се обидов да преземам конкретна сцена од неговите филмови, туку да го преведам тој свет во сопствен визуелен јазик. Бариерите, камерата за надзор, предупредувачките ленти, дрвената конструкција и фигурата стануваат знаци на еден свет во кој човекот е постојано набљудуван, но истовремено се обидува да го зачува сопствениот кодекс. Кај Мелвил ме привлекува токму таа способност со малку средства да се создаде силна атмосфера и чувство на напнатост.
Сосема поинаква, но подеднакво важна трага остава Jean-Luc Godard. Кај него сликата никогаш не е само невин приказ на стварноста. Таа е прашање, став, прекин, политичка и интелектуална провокација. Како еден од клучните автори на францускиот Нов бран, Годар ги разнишува правилата на класичниот филмски јазик – монтажата, нарацијата, односот меѓу сликата и звукот, границата меѓу авторот, ликот и гледачот. Но за мене е важна и неговата поширока политичка и општествена позиција, неговото постојано преиспитување на медиумите и начинот на кој сликите ја конструираат нашата претстава за стварноста.
Во делото посветено на Годар ги спојувам филмскиот still frame, текстот и фотографијата од перформанс во јавен простор, изведен во Ница во 2013 година за време на 7-те Франкофонски средби. Со тоа сакав да ја нагласам врската меѓу уметноста и секојдневието, меѓу филмот и улицата, меѓу гледањето и преиспитувањето на она што го гледаме. Во одреден момент филмската слика излегува од екранот и повторно влегува во јавниот простор. Токму оваа можност за преминување од киното кон реалниот простор ми е особено блиска и во мојата сопствена практика.
Од оваа линија природно продолжува и Guy Debord и неговата La Société du spectacle. Деборовата анализа на општеството во кое непосредното живеење сè повеќе се заменува со неговата претстава, односно со свет на слики, производи и спектакл, за мене е особено актуелна и денес. Во делото го поставив неговиот портрет покрај еден наизглед банален
предмет – fortune cookie, од кое излегува цитат од La Société du spectacle. Ме привлече токму парадоксот: една сериозна и остра критичка мисла се појавува скриена во мал предмет наменет за консумација и забава. На тој начин критиката на спектаклот станува дел од самиот спектакл. Ме интересираше тој судир меѓу мислата и производот, критиката и потрошувачката, реалноста и нејзината претстава.
Кај Leos Carax, пак, ме привлекува киното како сон, трансформација и постојано менување на идентитетот. Неговото целокупно филмско творештво, а особено Holy Motors, ми беше повод да создадам композиција во која различни фигури, архитектурата, отсечоците и кружните фрагменти изгледаат како остатоци од некоја непозната приказна – како кадри од филм што никогаш целосно нема да го видиме. Кај Каракс ме интересира тој постојан премин меѓу реалноста и фантазијата, меѓу човекот и неговите различни улоги. Градот, човекот, меморијата и фантазијата се спојуваат во една слика која повеќе потсетува насеќавање отколку на конкретен филмски кадар.

Во целината посветена на Henri Texier и неговиот албум Remparts d’argile, границата меѓу музиката и визуелната уметност станува уште попорозна. Кај Тексиер ме привлекува начинот на кој музиката патува помеѓу различни светови – меѓу џезот и традиционалните звуци, меѓу Европа и Африка, меѓу слободната импровизација и однапред дадената слика.

Remparts d’argile, објавен во 2000 година, настанува токму на границата меѓу музиката и киното. Тексиер, заедно со синот Себастиен и тапанарот Тони Рабесон, првично ја изведувал музиката во живо пред проекцијата на истоимениот филм на Jean-Louis Bertuccelli, а од тие изведби подоцна се развива албумот.
Во моето дело се обидов ова музичко искуство да го преведам во слика. Фигурата, бојата и ритмички распоредениот колорит зад неа се обидуваат да го претворат звукот во визуелна форма. Не сакав да ја илустрирам музиката, туку да создадам нешто што можеби може да се почувствува како звук – визуелен ритам, вибрација, движење.


Сите овие автори, иако припаѓаат на различни медиуми и генерации, за мене се среќаваат во еден заеднички простор, додава Јовановиќ.

Нивната врска не ја гледам толку во стилската сличност, колку во начинот на кој ја поместуваат границата меѓу уметноста и животот. Тоа се автори кои не го прифаќаат светот како готова слика, туку постојано го преобликуваат преку имагинацијата, критиката, музиката, филмот, фотографијата и поезијата. Затоа овие дела не ги доживувам како класични омажи. Не се обидувам да покажам колку добро ги познавам овие автори, ниту да создадам нивни визуелни копии. Наместо тоа, ги користам нивните дела и идеи како материјал за сопственото сеќавање и сопственото создавање. Она што некогаш било туѓо дело, филм, книга, музика или фотографија, со текот на времето станува дел од мојот внатрешен визуелен пејзаж. Во таа смисла, оваа изложба ја доживувам и како еден вид автопортрет – не портрет на мојот лик, туку портрет на моите погледи, сеќавања и творечки сојузништва. Авторите што ги избрав не се само предмет на омаж. Тие се присуства кои, во различни периоди, ми помогнале да го пронајдам сопствениот начин на гледање и да разберам дека уметноста може да биде простор во кој повторно и повторно го измислуваме светот. Можеби токму затоа овие дела не зборуваат толку за минатото, колку што покажуваат дека вистинските влијанија никогаш целосно не исчезнуваат. Тие продолжуваат да живеат во нас, да се менуваат со нас и повторно да се појавуваат, понекогаш неочекувано, во нови слики, нови гестови и нови приказни. Она што некогаш сум го открил во книга, филмска сцена, музичка композиција или фотографија, денес може да се врати како моја слика. Во тој круг меѓу сеќавањето и создавањето, туѓото влијание постепено станува дел од сопствениот јазик.

Поврзани вести