Skip to main content

Директорката на УЈП: Предизвик е да создадеме систем во УЈП што знае што да прави со податоците од вештачката интелигенција

Примената на вештачката интелигенција и аналитичките алатки во даночната администрација треба да биде придружена со јасни цели, квалитетни податоци и одговорност за донесените одлуки“, истакна директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, на седмата Германско-македонска конференција за контролинг, што денеска се одржа на Хајделберг Факултетот во Скопје.

Во своето обраќање на конференцијата Петрова посочи дека не е предизвик само воведување на аналитички алатки и вештачка интелигенција во контролингот, туку да се создаде систем којшто ќе знае што да прави со знаењето што го добива од тие алатки.

Предизвикот не е само да воведеме аналитички алатки и вештачка интелигенција во контролингот, туку да создадеме систем што знае што да прави со знаењето што го добива од овие алатки – рече Петрова.

Таа вели дека контролингот во УЈП опфаќа планирање, следење, известување, анализа и приспособување. Петрова наведува дека неговата цел не е само да покаже што се случило, туку и да помогне при одлучувањето што треба да се направи. 

Според неа, успешноста не треба да се мери само според бројот на реализирани активности, туку и според нивниот ефект врз однесувањето на даночните обврзници и даночната усогласеност.

Не е доволно да мериме активности за да знаеме што сме правеле. Мора да мериме резултати, но и влијанија врз однесувањето на даночните обврзници – вели Петрова.

На конференцијата, таа се осврна и на примената на аналитиката и вештачката интелигенција во управувањето со даночните ризици. Според неа, анализата на податоците овозможува ресурсите да се насочат кон ризиците каде што можат да имаат најголем ефект. Петрова ја нагласи и потребата од квалитетни и интегрирани податоци, јасни индикатори и одлучување засновано на податоци, споменувајќи ја и меѓународната рамка „TADAT“ за проценка на работењето на даночните администрации.

Вештачката интелигенција може да предложи одлука, но не може да поставува приоритети, не може да создаде стратегија и не сноси одговорност. Институцијата, службите и раководството ги носат одлуките и имаат одговорност за нив – посочи Петрова.

Во делот за дигиталната трансформација, директорката на УЈП ја споменува е-фактурата како можност за обезбедување структурирани податоци во реално време, како и активностите за воспоставување складишта на податоци и алатки за деловна интелигенција. Петрова оценува дека трансформацијата бара и вложување во знаењето и вештините на вработените, како и промена на организациската култура.

Конференцијата „Тековни предизвици во контролингот – вештачка интелигенција, дигитализација и преквалификација“ ги отвори прашањата за иднината на контролингот, дигиталната трансформација, примената на вештачката интелигенција и потребата од континуирано унапредување и преквалификација на човечките капацитети во јавниот и приватниот сектор. 

Поврзани вести