
Во Музејот на современата уметност на Црна Гора синоќа беше отворена меѓународната изложба Museum Yet to Be, обликувана од три кураторки од музеите на современата уметност од Подгорица, Скопје и од Белград. Изложбата ја подготвија Милица Безмаревиќ, Јованка Попова и Мишела Блануша и таа ги согледува музеите како флуидни, променливи простори кои одговараат на немирните текови на современото општество и ги рефлектираат неговите трансформации.
Почетната точка на проектот е сегашниот момент исполнет со политички поделби, постојано насилство и нестабилни социо-економски околности. Кураторскиот тим ја повикува јавноста да размисли за етичките димензии на музејската работа и за стандардите на институционален интегритет кои денес сè почесто се преиспитуваат. Истовремено, изложбата отвора простор за осветлување патеки што во рамките на современите општества и институции често остануваат скриени или заборавени.
Македонските уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска се претставени со колаборативното дело „Еднаквост“, кое ги обединува концептуалниот текст на Ad Reinhardt и графичкиот дизајн на Bridget Riley.
– Нивното дело се состои од шест рачно ткаени ленени панели со вез, графит и текстилна боја, кои претставуваат долгорочно истражување на односот меѓу текстот, визуелната структура и материјалноста. Рајнхардовиот текст функционира како конкретна поема со тон на итност, кој силно кореспондира со темите присутни во нивната практика: институционална критика, контекстуализација на уметничкото производство и личната политика. Неговите афирмативни, речиси мантрични изјави – како „Постои една ликовна уметност, еден музеј на ликовната уметност, еден уметнички систем“ – отвораат простор за критичко преиспитување на структурите што го обликуваат современиот уметнички и општествен контекст. Во комбинација со ритмичниот графички јазик на Бриџит Рајли, овие елементи создаваат континуум на концептуални и естетски вредности – објаснува Попова.
Museum Yet to Be замислува свет обликуван од правичност, во кој се преиспитуваат моделите на институционално управување, се негува активно слушање во музејската заедница и се делува внимателно во променливи контексти, без компромис по однос на етичноста. Преку уметничките практики се поставуваат прашања за тоа како да се воспостави лична врска со еманципаторските наследства на минатото, како внимателно да се историзира сегашноста и на кој начин овие пристапи можат да ја обликуваат иднината.
Во изложбата, покрај Јане Чаловски и Христина Иваноска учествуваат 33 меѓународни уметници и колективи. Преку нивните дела, музејот се трансформира во простор на средба и зона на контакт, каде значењата се преобликуваат, вредностите се преиспитуваат, а различни етички визии за иднината почнуваат да се исцртуваат.

Македонски







