Skip to main content

Изложбата „Насликани зборови“ на Касиопеја Наумоска и Катерина Деспот во Македонскиот КИЦ во Белград

Македонскиот КИЦ во Белград, на 29 мај (четврток) во 19 часот ќе биде домаќин на изложбата „Насликани зборови“, со познатите македонски уметници Касиопеја Наумоска и Катерина Деспот. И двете долги години градат успешни уметнички кариери, во две, не толку блиски уметнички области, а индивидуално имаат изложувано како во регионот, така и низ Европа и САД. 

Што е тоа што ги спојува во заедничката концепција со која ќе се претстават пред љубителите на ликовната уметност во Белград?

Во рецензијата за каталогот, директорот на нашиот КИЦ во Белград Васко Шутаров, по тој повод запишал: 

„Две наши ликовни уметници, во еден животен и уметнички период кој во Стара Атина се нарекувал акме, Касиопеја Наумоска и Катерина Деспот, пливаат низ навидум различни уметнички траектории-и тоа го прават исклучително умешно и успешно! Освен врвноста во уметничкиот израз, нив секако ги спојува и високиот степен на образованост и врвна едуцираност. И двете образуваат и воспитуваат млади генерации- тие и професионално се владетелки на зборот!

„Насликаните зборови“ на Касиопеја и Катерина, тоа се тие нераскажливи и неискажливи зборови, некажани зборови од пејзажите на нашите души, од корпусот на она што го нарекуваме Неименливо! Насликаните зборови се и радоста што не се крикнува со збор, но и грутката од болка и тага, што ниту се голтнува, ниту со збор се изустува! Музичарот нив ги преточува во ноти и музика, книжевникот во стих или писмо, ликовниот уметник во слика или скулптура.

Само навидум така различни, Касиопеја Наумоска и Катерина Деспот, наши врвни уметници и интелектуалки, преку заедничката уметничка концепција, наречена „Насликани зборови“, се препознаваат меѓусебно и лесно го препознаваат патот до публиката, преку ликовниот израз со кој го дешифрираат своето Неименливо. Нивното Неименливо!

Нашето Неименливо, кое и сега, преку оваа изложба, непогрешливо спојува и нè пресоздава, повторно во Збор!“