На 19 декември во Културно информативниот центар (КИЦ) на Македонија во Софија ќе биде отворена изложбата „Урбани трансформации“. Оваа изложба е резултат на соработката помеѓу Благојче Наумоски Бане и Јехона Ајрадини, и претставува уникатна интерпретација на современите урбани простори.
Овој проект се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде што преку акрилната техника на платно се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот.
Моите дела го истражуваат архитектонскиот јазик на брутализмот преку апстрактна трансформација на просторот, материјалноста и волуменот. Со ова, се стремам да создадам визуелен јазик кој го доловува суровиот карактер на бруталистичката архитектура, притоа истакнувајќи ја моќта на геометријата и минимализмот во контекст на урбаните пејзажи, вели Наумоски.
Брутализмот претставува естетика која е и ригидна и динамична, парадокс на монументалното и човечкото. Тој со своите моќни, монолитни и често минималистички форми, нуди богат визуелен јазик за интерпретација, преку кој со своите необработени конкретни форми, неукрасена функционалност и импозантно присуство, долго време ја плени мојата имагинација. Преку процесот на деконструкција на архитектонските елементи, ги изолирам основните геометриски форми – прави линии, агли, масивни волумени – кои потоа ги трансформирам во апстрактни композиции. Овие композиции не се директни репрезентации на згради, туку ја истражуваат материјалноста, просторот и волуменот во една нова визуелна димензија.
Урбани трансформации е мојот обид да го премостам јазот помеѓу импозантната цврстина на брутализмот и флуидноста на апстрактната геометрија, додава Наумоски.
Наумоски од 2007 година е член на Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија (ДЛУМ). Во 2009 година станува член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т и активно учествува во сите нејзини проекти. Од 2015 година е член на колективот АД АКТА. Од 2012 година работи како асистент на Факултетот за Арт и Дизајн при Европскиот Универзитет на Република Македонија. Во 2016 година станува доцент на истиот факултет. Моментално е вонреден професор и продекан на Факултетот за арт и дизајн. Има излагано во Берлин (Германија), Њујорк (САД), Љубљана (Словенија), Париз (Франција), Хаифа (Израел), Прага (Чешка), Софија (Бугарија), Приштина (Косово), Виена (Австрија), Отава (Канада) и.т.н. Исто така има учевствувано на повеќе ликовни колонии. Во изминатиов период има реализирано дваесет и две самостојни и повеќе групни изложби.
Ајрадини има изложувано свои дела на Меѓународното биенале на карикатура – Албанија, Меѓународната изложба „Магма“ – Турција, „Контемплација“ во КИЦ – Скопје, „Тој свет на стрип илустрации“, „Градот Скопје и стрип илустрациите на митолошките херои“ како илустратор и автор на цртежот, „Сеќавање во движење“ – педагошка алатка за култура на сеќавање форум. Исто така, учествувала во неколку проекти за недвижно културно наследство во Република Македонија.