
Изложбата „Стопен град“ на Игор Сековски вечер ќе биде отворена во Националната галерија на Република Македонија, објект Чифте амам.
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам и Националната галерија на Република Македонија и ќе биде поставен до 27 ноември.
Кураторот Ана Франговска пишува дека со проектот „Стопен град“, Игор Сековски го продолжува своето истражување на градот како жив, чувствителен и нестабилен организам.
По серијата дела посветени на урбаните трансформации, овој пат фокусот е насочен кон климатските промени и нивното влијание врз материјалната и човечката кревкост. Серијата парафински објекти го претставува градот во состојба на топење – како метафора на архитектонскиот поредок под притисок на топлина, загадување и ентропија. Парафинот, материјал што реагира на температурата, го воведува климатскиот фактор како коавтор на формата, каде што уметноста станува еколошка соработка меѓу човекот, материјата и околината. Стопените структури асоцираат на надреални урбани пејзажи во кои границите меѓу стабилност и распад, реалност и имагинација, стануваат флуидни. Градот се појавува како „психогеографија на нестабилност“, при што топлината не е само физички, туку и психолошки и социјален симптом, наведува Франговска.

Македонски








