Skip to main content

Изложба на Шќипе Мехмети во „Кочо Рацин“ во Скопје

Плакат / Галерија „Ко-Ра“

Самостојната изложба на Шќипе Мехмети – The Artist and The City, ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот на зелениот покрив на галеријата „Ко-Ра“ при Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Проектот има за цел да ја афирмира и графичката уметност во која е уметницата м-р Шќипе Мехмети континуирано активно присутна со бројни самостојни изложби и резиденцијален престој во земјата и надвор, а воедно е и учесник во бројни групни изложби и проекти и од тематски ангажиран карактер, и во земјата и во надвор меѓу кои е значајно нејзиното учество и во бројни проекти во галеријата „Ко-Ра“, како и бројни проекти кои се реализирани и надвор од земјата со мултикултурен карактер.

Оваа изложба ги афирмира нејзините дострели во графичката уметност во релација со современите медиуми, преку четириесетина остварувања, но воедно и нејзината посветеност кон аналитичките истражувања во областа на урбаната психологија, како и импакт на рецидивите на урбаното ,граничните искушенија, осaмата, пандемијата…. врз човековото битие .. истакна Виолета Калиќ по повод ова самостојна изложба на ова инвентивна уметница.

Шќипе Мехмети е родена 1981 година, во Кичево. Во 2004 година дипломира на Факултет за ликовни уметности во Скопје на педагошки оддел со сликарство. Во 2007 година заврши постдипломски студии на графика на истиот факултет.Од 2000 година учествуваше на повеќе од 200 групни изложби во Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Германија, Хрватска, Италија, Шпанија, Турција, Египет, Чешка, Литванија и Франција.

Има реализирано 33 самостојни изложби во Кичево, Кавадарци, Велес, Скопје, Софија, Париз, Берлин, Нирнберг, Касел, Њујорк, Приштина, Висби, Истанбул, Бурса, Скадар и Цирих.Од 2005 година е член на ДЛУМ (Здружение на ликовни уметници на Македонија). Од 2010 година е член на Друштвото на уметници „Широка стаза“ Земун, Србија и од 2019 година член на ИКОМ-Македонија (Меѓународен совет на музеи).

Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и Гран при (2018) од Министерството за култура на „17-ти зимски салон“ во организација на Друштвото на уметници на Македонија.Помеѓу 2005 и 2024 година присуствувала на различни уметнички резиденции во Косово, Србија, Бугарија, Малта, Андора, Франција и Македонија.Таа работи во Националната галерија како конзерватор.

Поврзани вести