
Нешто ново од современата македонска уметност и прва македонска изложба од ваков вид ќе може да погледне и српската публика во галерискиот простор на нашиот КИЦ во Белград, на 10 јуни (вторник) во 19 часот.
Изложбата насловена како “Живи артефакти (АР) тистика” претставува средишно место во кое се среќаваат традицијата, технологијата и новите медиуми. На оваа повеќе-димензионална, интерактивна и мултимедијална интервенција во просторот, презентирани се уметнички дела инспирирани од нашето богато материјално и нематеријално културно наследство, како и од мотивите на македонските народни носии, а делата се транс-дисциплинарни и меѓусебно поврзуваат повеќе уметности: архитектура, скулптура, музика, филм, дигитална анимација, поезија и визуелна уметност. Тие се претставени на повеќе нивоа на реалност: едно е физичкото кое се гледа веднаш и непосредно штом се застанува пред делото, а другото е виртуелно (дигитално) – кое може да се види со помош на апликација на мобилниот телефон.
Концептуално, изложбата претставува продолжение на првонаградените мултимедијални дела на уметникот од последното издание (2024 година) на реномираното и во светски рамки познатото Остен Биенале.
Љубителите на современата македонска уметност кои посакуваат нешто “свежо” во овие топли јунски денови, треба само да ги наполнат батериите на своите мобилни телефони, да дојдат и да уживаат во уметничките дела на м-р Филип Јовески, изработени во традиционални техники и дигитални медиуми и презентирани со помош на мобилна апликација за аугментирана или проширена реалност.
Изложбата е поддржана од Мининстерството за култура и туризам, ќе ја отвори со пригодна реч директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров и ќе може да биде погледана од 10 до 16 јуни.