Со длабоко жалење известуваме дека ноќеска нè напушти колегата Наум Попески (25.11.1947, Вевчани, Струшко – 20.1.2025, Скопје), соопшти Друштвото на писатели на Македонија.
Наум Попески е познат како автор на книжевност за деца. Негови попознати дела се збирките песни за деца „Ајде да растеме“ (1982), „Детелинка со четири листа“ (1995), „Изворчиња – поточиња“ (2007), „Летни – светни светулке“ (2012), „Наумување“ (2015); расказите за деца „Спомени во слики“ (2007). Попески е најпознат како автор на првиот бонтон за деца: „Бонтон за деца – убавината на убавото однесување“ (1999, реиздание во 2017), и сега актуелните „Во гората зелен лист – во градите воздух чист (2006) и „Еко-бонтон за деца“ (2007). Наум Попески бил новинар и член на ДПМ од 2000 г. Уредник на додатокот за деца во списанието „Колибри“ и долгогодишен соработник на списанијата за деца „Развигор“, „Росица“. Застапен е во многу антологии на поезијата за деца, во читанки и во учебници за основно образование, кај нас и го регионот. Вечна му слава!
Погребот на Наум Попески ќе се одржи утре во 11 часот на гробиштата во населба Драчево, Скопје.