Skip to main content

„Генеративна Уметност: Инспирација или Имитација 2.0“ е насловена изложбата, чиј домаќин и организатор, вечерва ќе биде нашиот КИЦ во Белград

„Генеративна Уметност: Инспирација или Имитација 2.0“ е наслов на изложбата, чиј домаќин и организатор, вечерва во 20 часот, ќе биде нашиот КИЦ во Белград.

Овој проект поддржан од Министерството за култура и туризам, како носител го има познатиот академски сликар Роберт Цветковски, а ќе биде остварен во соработка со архитектонското студио АРХИКС, кого го претставуваат Ален Цветковски, Натали Велеска, Сара Велеска и Андреј Цветковски. Пред белградската публика, во галерискиот простор на КИЦ Белград, проектот и авторите ќе ги претстави директорот Васко Шутаров. 
Каде е границата помеѓу инспирацијата и имитацијата во светот на глобално и брзо споделување идеи, проблеми со заштитата на авторските права, во светот на брза и евтина продукција и маркетинг, каде акцентот се става на естетика наместо етика? Ова е истражено од страна на архитектите од Архикс Студио, прека земање на мотив од делата на академскиот уметник Роберт Цветковски и нивна манипулација преку различни мисловни процеси и дигитални медиуми, каде резултатот е архитектонски концепт или проект директно евоциран од самото уметничко дело (архитектонски концепт, детаљ од објект, дури и урбанистички план). Дали може секаде да се примени овој принцип, дали може да создаде употреблив резултат и дали ги повредува авторските права? Ова истражување покажува дека границата е тенка и скоро секогаш субјектвна. Заклучокот е дека овие финални производи, директно инспирирани од уметничкото дело, мора повторно да поминат низ процес на рафинирање на мислата, за да може самите да бидат креативно, оригинално и применливо дело-што ја прави разликата меѓу инспирацијата и имитацијата. Имитацијата во овој проект ќе биде доловена преку резултати од делувањето на ВИ врз делата од уметникот Цветковски.
Резултатите се прикажани преку изложување на самото уметничко дело од кое е земена инспирација, заедно со проектите кои се инспирирани од секое дело, прикажани преку повеќе скици (процесот на преработување и рафинирање на првичната инспирација) и дигитални фото-манипулации (финалниот концепт).

Роберт Цветковски е присутен на македонската уметничка сцена повеќе од 30 години и со своето современо апстрактно сликарство ја претставувал Македонија со над 40 самостојни и над 200 групни изложби во САД, Кина, Турција, Франција итн. и е дел од уметнички колекции низ целиот свет.

АРХИКС СТУДИО е македонско архитектонско и дизајнерско студио чија работа опфаќа станбени, деловни и индустриски проекти, како и ентериерен дизајн. Посебен фокус на студиото е на одржливоста и планирањето базирано на податоци, одржливата архитектура, иновациите и иницијативите насочени кон заедницата.

Изложбата ќе биде поставена во нашиот КИЦ во Белград до 20 август.

Поврзани вести