
Во петок, 12 декември, со почеток во 19 часот, во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Белград, на адресата Кнез Михаилова 53, ќе биде отворена изложбата „Нишки / Threads“, најновиот резултат од соработката меѓу Факултетот за ликовни уметности во Скопје и Факултетот за ликовни уметности во Белград. Изложбата ќе биде достапна за посетителите до понеделник, 29 декември 2025 година.
„Нишки“ претставува мултимедиумска поставка со дела од тринаесет постдипломци од сите студиски програми на ФЛУ – Скопје. Со нејзиното отворање, Галеријата на ФЛУ во Белград повторно се активира како простор за современи уметнички дијалози, потврдувајќи ја важноста на институционалната размена, мобилноста и унапредувањето на современите уметничко-истражувачки практики.
На отворањето ќе присуствуваат деканката на ФЛУ – Скопје, д-р Славица Јанешлиева, ред. проф., продеканите м-р Слободанка Стевческа, ред. проф. и м-р Гоце Наневски, ред. проф., како и др.ум. Ангел Миов, ред. проф. и м-р Велимир Жерновски, доц., заедно со четворица постдипломци од ФЛУ, кои ќе ја претставуваат институцијата.

Македонски







