Skip to main content
Рацинови средби: Научна конференција „Рациновите одблесоци врз современиот македонски јазик“

Елена Јованова-Грујовска: „Бели мугри“ на Кочо Рацин уште во 1939 година навестија македонски литературен јазик и современо македонско книжевно творештво

Во рамките на 62 издание на манифестацијата „Рацинови средби“ во Театарот во Велес се одржа Научна конференција насловена „Рациновите одблесоци врз современиот македонски јазик“.

Конференцијата почна со поздравно обраќање на директорката на Институт за македонски јазик Елена Јованова-Грујовска која меѓудругото посочи дека станува збор за возобновена 8. по ред Научна конференција во рамките на „Рациновите средби“.

Рацин и „Рациновите средби“ се културното и духовното богатство на Велес. „Бели мугри“ на Кочо Рацин уште во далечната 1939 година навестија македонски литературен јазик и современо македонско книжевно творештво. Стихозбрката „Бели мугри“ и „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков беа на свој начин претходници и навестувачи на конечната верификација на македонскиот јазик што се случи во историските моменти на Првото заседание на АСНОМ што се одржа на 2 август 1944 година со прогласувањето на македонскиот јазик за службен во новата Федерална Македонија. Потоа со прогласувањето на македонската азбука на 5 мај 1945 година и на првиот македонски правопис 7 јуни 1945 година. Поминаа 80 години од конечната верификација на македонскиот јазик потврдена со илјасници објавени романи, раскази, збирки поезија, научни трудови, новинарски и други текстови, рече Јованова-Грујовска.

Таа потсети дека велешките ученици израснале и сеуште растат со Кочо Рацин како централен лик.

Мојата генерација до матура ги знаеше напамет повеќето песни од рациновите „Бели мугри“. Ги рецитиравме на сите приредби во училиштето и во градот, а централен годишен настан беа и останаа Рациновите средби. Верувам дека денешните учесници на Научната конференција „Рациновите одблесоци врз современиот македонски јазик“ ќе дадат несомнен придонес врз проучувањето на лигвистичките, литературните и културолошките вредности на великиот Кочо Рацин стожерот на современото македонско творештво, заврши Јованова- Грујовска.

На научната конференција говореа и проф. д-р Сашо Димоски за „Рацин како драмски полигон“, проф. д-р Елизабета Шелева за „Космополитизмот како траен поттик во делото на Рацин“, проф. д-р Васил Тоциновски -„За Рацин и стихозбирката 1932“, проф. д-р Марија Ѓоргиева Димова „Поетски пмаж за Кочо Рацин“, м-р Десанка Николова проговори за „Одблесокот на Белите мугри“, проф. д-р Снежана Петрова Џамбазова се осврна на “Рацин -ракување со сегашноста и иднината“, м-р Валентина Трајковска говореше за „Одблесоци кои влијаеја врз Рациновите одблесоци, а тие врз современиот јазик и книжевност“, проф.д-р Елена Јованова-Грујовска и проф. д-р Весна Костовска- „За некои специфичности на лексиката во ‘Бели мугри“, проф.д-р Лидија Тантуровска и м-р Мариче Стојанова за „методските единици за Кочо рацин во основното и средното образование“ и проф. д-р Лилјана Макаријовска „За јазичните аспекти на Рациновото творештво“.

Модератор на Научната конфефенција беше доц. д-р Дарко Томовски.