Skip to main content

Драмски театар со хуманитарна изложба ќе го одбележи Светскиот ден на театарот

Драмскиот театар соопшти дека Светскиот ден на театарот, 27 Март, годинава ќе го одбележи со почит кон настраданите и повредените во националната трагедија во Кочани. Како што е најавено, во фоајето на Драмски ќе се отвори изложба на фотографии со наслов „Ред XV … “ на авторот Драган Гајиќ (1967). Приходот од продажбата на фотографиите ќе биде уплатен на хуманитарната сметка за донации.

Изборот на фотографии на изложбата е направен од претставите што Гајиќ ги фотографирал во 2017 година за време на изведбите на претставите „Хамлет“ , „Чија си“, „Чолак“, „Љубовници“, „Последните Македонци“ и „Живот во тесни чевли“. Кураторот на изложбата е д-р Ивана Јарчевска.

Во рамки на активностите на оваа установа по повод Светскиот ден на театарот, театарот ќе го посетат децата од предучилишната установа „Мајски цвет“ од Општина Карпош. Едукативната посета на децата се состои од разгледување на работните простории и разговор со актерите и вработените во театарот со што ќе имаат можност да се запознаат со начинот на создавање на една претстава.

Програмските активности продолжуваат со покана на љубителите на театарската уметност да присуствуваат на две отворени проби на претстави што се во тек на подготовка во Драмскиот театар. Првата отворена проба со присуство на публика ќе започне во 10:30 часот во салонот на големата сала „Ристо Стефановски“. Посетителите ќе ја следат пробата „Ифигенија за ништо“. Претставата е работена по текстот „Ифигенија од Авлида“ од Еврипид со адаптација, режија и кореографија на Филип Петковски. Сценографијата ја подготви Мартин Манев, а костимограф е Антонија Гугинска Јорданоска, соопштија од установата.

Како што најавија, посетителите ќе имаат можност да присуствуваат на пробата што се реализира во време кога процесот на подготовки е веќе во својата последна фаза. Подготовките за претставата се започнати во февруари и премиерата ќе биде наредната сабота, на 5 април.

Ликовите во претставата „Ифигенија за ништо“ ги играат актерите на Драмски театар – Димитрија Доксевски, Филип Трајковиќ, Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Стефан Вујисиќ, Сара Климоска, Марјан Наумов, Томислав Давидовски. Хорот го сочинуваат актерките Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова Бубања и како гостин Јована Миладинова.

Втората отворена проба ќе започне во 14:00 часот во просториите на библиотеката на Драмски театар Скопје. Станува збор за претставата „Гидион“ од авторката Џона Адамс во режија на Драгана Милошовска Попов. Ликовите во претставата ги играат актерките Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Ања Митиќ. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со процес на подготовка на претстава во својата прва фаза која се нарекува „читачки проби“. Во таа фаза режисерот, актерите и уметничкиот тим на претставата го договараат начинот на работа, градењето на ликовите и се подготвуваат за поставување на претставата на мизансцен, велат од Драмскиот театар.

Одбележувањето на Светскиот ден на театарот ќе се заокружи вечер со читањето на светската порака од грчкиот режисер Теодорос Терзопулос и македонската порака на актерот Емил Рубен пред изведбата на претставата „Фамилијата Адамс“.

Поврзани вести