
Во рамките на регионалната соработка на институциите од културата, директорот на Драмски театар Скопје, Роберт Вељановски оствари работна посета на Народниот театар Ниш.
Со взаемна согласност на двете театарски институции за развивање на партнерски односи во делот на гостувања на театрите, реализирање на копродукциски театарски проекти, како и други видови соработка кои би биле од интерес на двете институции, официјално се потпиша Меморандум за соработка.
Договорот го потпишаа директорот на Драмски театар Скопје, Роберт Вељановски и госпоѓа Ана Савиќ в.д. директорка на Народниот театар Ниш.
Овој чин подразбира соработка која ќе вклучува размена на претстави, уметнички идеи и остварување на можни копродукции и заеднички проекти, со што ќе ги зајакнат врските меѓу двата театра.
За значењето на потпишувањето на Договорот за соработка со Народниот театар Ниш, директорот Вељановски истакнува: „Придонесот од гостувањата и размената на искуства на регионалната театарска сцена е огромен во делот на професионалниот и личен развој за актерскиот и уметничкиот дел од ансамблите, но исто така, тоа е убава прилика на публиката во Скопје и во Ниш да и овозможиме во еден пријатен ревијален амбиент, на сцените на нашите матични театри да ги види актерите и актуелните претстави на Народниот театар Ниш и на нашиот Драмски театар Скопје“.
Со верба во новата соработка со колегите од Ниш, Вељановски како потврда за успешното остварување на една визија за регионална соработка го истакнува значењето на Унијата на театрите од регионот – РУТА која веќе 5 години е препознатлива театарска приказна на Балканот и која продуцираше триесетина театарски фестивали и неколку копродукции. „Во моментов во Драмски театар Скопје ја подготвуваме копродукција „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ по текст на Душан Јовановиќ, во режија на хрватскиот режисер Иван Пеновиќ. Станува збор за четирипартитна копродукција во која учествуваат Драмски театар Скопје, Белградскиот Драмски театар, МГЛ од Љубљана и НУ„ Будва град театар“ . Премиерата ќе се игра во Црна Гора, на фестивалот во Будва на 10 август. Потоа следуваат изведбите на Охридско лето и Бриони во Хрватска, а скопската публика претставата ќе има можност да ја гледа во рамките на македонското издание на фестивалот РУТА во октомври во Драмски театар Скопје“- истакна Вељановски. Во рамките на разговорите при потпишувањето на Договорот за соработка со Народниот театар Ниш, директорката Ана Савиќ најави дека е договорено гостување на ансамблот со нивна претстава во Скопје на почетокот на новата театарска сезона.