
Во Дојран идната година се очекува да почне изградба на Музеј на вода, најави вчера министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Идејниот проект е изработен од Заводот и музеј-Струмица.
„Особено внимание оваа година е посветено на капиталниот проект за изградба на Музеј на вода, преку реконструкција на праисториска наколна населба во Дојранското Езеро. Во тек се заштитни археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја, додека основниот проект за изградба на музејот се очекува да започне во 2026. Музејот, кој ќе биде поставен директно на површината на езерото, ќе функционира како ‘жив музеј на отворено’, со висока едукативна и туристичка вредност. Со ваквиот пристап, Дојран добива можност да се позиционира како водечка дестинација за културен и археолошки туризам во поширокиот регион“, најави Љутков по посетата на општините Дојран и Гевгелија.
Во Гевгелија, кој годинава е „Град на културата“, во тек е проектот за целосна реконструкција на Старата чаршија, заштитено културно наследство од 19. век. Вредноста на инвестицијата е над 40 милиони денари, а проектот опфаќа реставрација на фасадите на старите дуќани, поплочување со гранит, поставување нова урбана опрема и осветлување.
Единствениот Музеј на вода досега е на Охридското Езеро во Заливот на коските кај Градиште, еден од најатрактивните и најпосетени локалитети во Охрид, кој се отвори во 2008 по две години изградба што чинеше 2 милиони евра. После години запуштеност и неодржуваност, охридскиот Завод и Музеј со над 240.000 евра годинава го санираше Музејот на вода. Во 2021, Министерството за култура даде над 8.000 евра за санација на оштетувањата на Музејот, а тогаш од Заводот рекоа дека средствата не се доволни за комплетна реконструкција, но ќе се прават најнеопходните зафати за да се подобри безбедноста на музејскиот комплекс.