Skip to main content

„Добри гости“ – серија книжевни гостувања на „ПНВ Публикации“ денеска во Охрид

Во Културниот центар „Култ“ во Охрид во сабота (7 февруари) во 18.30 часот ќе се реализира 8. издание на проектот „Добри гости“ – серија книжевни гостувања на „ПНВ Публикации“. Издавачката куќа во соработка со „Поетска ноќ во Велестово“ од Охрид и „Култура Бета“ од Скопје иницира серија книжевни гостувања на автори од Скопје во внатрешноста на земјата на заеднички читања со локални автори, а во соработка со локални чинители. На ова издание на „Добри гости“ ќе учествуваат: Игор Анѓелков, Снежана Младеновска-Анѓелков, Теодор Тасевски, 
Јана Секулоска, 
Марија Велинова, Тони Попов, Марина Шикова-Димовска, 
Јордан Коцевски,
 Марина Икономова-Шокева, 
Зоран Јакимоски,
 Славе Ѓорѓо Димоски, 
Мирко Томовски,
 Митре Мангоски Радождански, Митко Колјушевски, Андреј Медиќ Лазаревски и Јулијана Величковска.

Настанот ќе започне со промоција на најновата стихозбика на Медиќ Лазаревски, „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“, издание на „Култура Бета“. Промотор ќе биде Јулијана Величковска, а потоа ќе следува и книжевното читање на кое ќе настапат сите учесници.

Серијата „Добри гости“ се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично. Проектот досега се одржа во Штип, во Тетово, во Струмица, во Демир Хисар, во Куманово, во Охрид и во Прилеп, а планирани се гостувања во уште градови низ земјата. Насатнот во Охрид е поддржан од Општина Охрид, како неофицијален настан од програмата на „Прличеви беседи“ 2026 година.