
Откако беше објавена веста од страна на Министерството за внатрешни работи дека е украдена бистата на Вера Јоциќ со реакции во јавноста излегоа AICA МАКЕДОНИЈА и Друштвото на ликовни уметници.
Кражбата на бистата на Вера Јоциќ е уште една потврда за континуираната институционална негрижа кон движното и недвижното културно наследство и кон јавните уметнички дела во Македонија. Повторливото исчезнување на бисти и споменици, нивното извесно топење и профитирање од ваквото злосторништво, со години се одвива без сериозен институционален одговор.
Ова не е изолиран инцидент, туку симптом на долготрајно отсуство на јасна културна политика, одговорност и континуитет во управувањето со јавниот простор. Институционалниот молк и ад-хок реакциите создаваат услови ваквите појави да станат нормализирана практика.
AICA Македонија смета дека е неопходно и ургентно активно да се учествува во јавниот дискурс по однос на овие состојби и јавно да се апелира за одговорност, системска заштита и прекин на континуираното уништување и исчезнување на културни вредности.
Без јасен и одржлив институционален пристап, секоја следна кражба или уништување на културно наследство нема да биде изненадување, туку очекувана последица.
AICA Македонија
Извот на фотографии: Музеј на Југославија
Украден е „Портретот на Вера Јоциќ“ ! е насловена реакцијата на ДЛУМ.
Скулпторско-бронзениот портрет на Вера Јоциќ, дело на нејзината сестра, истакнатата уметница Вида Јоциќ, е украден.
Овој чин на вандализам не е изолиран случај, туку дел од подолг период на уништување и кражби на уметнички и меморијални обележја во Скопје и цела Македонија.
ДЛУМ остро го осудува ваквото однесување и ги повикува сите надлежни институции итно да постапат со цел спречување на ваквите вандалски дејанија и заштита на културното наследство.
Во таа насока, ДЛУМ ќе упати официјално писмо до сите надлежни институции со барање за конкретни мерки и одговорност.

Македонски





