Skip to main content

Денови на македонска култура во Белград: Денеска и утре ревија на филмови на Љубиша Георгиевски

Во рамките на манифестацијата Денови на македонската култура во Белград „Допир на Македонија“ здружението „Македониум“, со поддршка на македонската кинотека и Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, денеска и утре во српската престолнина организира Ревија на филмови посветена на Љубиша Георгиевски, истакнат театарски и филмски уметник, професор и културен деец кој остави длабок печат во македонската уметност.

Оваа филмска ревија, што ќе се одржи во кино салата на Етнографскиот музеј во Белград, има за цел да го прикаже маркантното творештво на Георгиевски, чиј опус брои над 160 театарски претстави, дваесетина филмови и ТВ драми, како и значајна драмска и публицистичка активност. Неговите филмови се сведоштво за едно време и претставуваат вредна ризница за сите кои сакаат да се поврзат со корените на македонската културна сцена.

Вечер, публиката ќе има можност да ги погледне кратките филмови Кој век минува надвор, деца (1975) и Патека (1967), како и дигитализираната верзија на играниот филм Републиката во пламен. Утре, ќе следуваат проекциите на кратките филмови Хераклеа (1974) и Не (1966), како и дигитализираната верзија на долгометражниот филм Цената на градот (1970), со што ќе се заокружи ретроспективниот увид во неговиот филмски опус.

Како посебен акцент на програмата, пред проекциите на 3 јуни, публиката ќе има прилика да ја проследи и рефлексијата на филмската режисерка Лидија Вељанова, која ќе говори за значењето на делото на Љубиша Георгиевски во контекстот на македонската кинематографија и културна меморија.

Влезот за сите проекции е слободен, а организаторите ги повикуваат сите љубители на уметноста, филмот и културното наследство да присуствуваат и да оддадат почит на еден од најзначајните творци во историјата на македонската култура, кој остави длабоки траги и во Белград во време кога беше македонски амбасадор, посочуваат организаторите.

Поврзани вести