Skip to main content

Честитка до сите граѓани од првата приватна издавачка куќа во самостојна и независна Македонија – „Матица македонска“: Постојано се бориме за афирмирање на македонскиот збор, на македонската книга, на македонскиот автор, на македонската култура

Почитувани граѓани на Македонија,

„Да живееш значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот – за совршенство.“ – има запишано Јане Сандански. Откако се оствари неговата идеја и идејата на стотици македонски дејци дека „ние се бориме Македонија да стане автономна, независна, слободна држава, Македонија на Македонците!“, во изминативе 34 години, оваа негова мисла требаше да биде врежана во развојот на современата македонска држава по прогласувањето на нејзината самостојност и независност. Затоа што никогаш не смеевме и не смееме да заборавиме дека повеќе од век и половина е јасно: „Македонија не треба да бара помош надвор од себе, туку во самата себе. Нејзината слобода не ќе биде подарок, туку крвав откуп, платен со илјадници жртви, какви што ние дадовме и продолжуваме да даваме.“ Иако и во овие 34 години како држава, народ и нација се соочивме со предизвици да ја доосвојуваме слободата за да можеме пред светот да сме она што сме и она што сакаме да бидеме, сепак, требаше да се бориме и за совршенство. И тоа совршенство во сето она што го работиме, создаваме, градиме – совршенство со коешто ќе го докажевме и покажевме нашиот вистински патриотизам и со кое можеби и немаше да се соочуваме со предизвици да водиме битки за доосвојување на слободата…

Како прва издавачка куќа во самостојна и независна Македонија, ние од „Матица македонска“, од денот на нашето основање до денес, постојано се бориме за совршенство – во афирмирањето на македонскиот збор, на македонската книга, на македонскиот автор, на македонската култура… И никогаш досега не сме ни помислиле дека сме го достигнале совршенството. Секогаш сме на мисла дека може и треба повеќе и подобро и тоа е она што во сиве овие години нѐ влече напред, со заложбата што повеќе прочитани македонски книги да има во секој македонски дом. Со таква мисла и одговаравме на сите предизвици и за доосвојување на слободата во сите 34 години, при што за нас, победата секогаш беа, се и ќе бидат објавените клучни книги за Македонија и за македонската нација.

Иако, неретко, во „лажно време“, во нас, како лава надоаѓаа стиховите на нашиот основач, поетот Раде Силјан:

Си имаме море несолено

Си имаме поле неорано

Си имаме народ за броење

Си имаме жени доилки

Си имаме семе изртено

Сѐ си имаме

И време за распродажба

И деца за прокуда

И сонце што не заоѓа

Си имаме море несолено

Си имаме многу татковини

Сѐ си имаме

А утре

Можеби народ ќе немаме“

Но, и покрај сѐ, иако многу нешта можеа да бидат поинакви и подобри, и иако можевме да бидеме побројни овде, во нашиот заеднички македонски дом, а не толку распрскани по светов, еве, постоиме и ќе постоиме… А и во овие 34 години зад нас, и во сите години пред нас, ние од „Матица македонска“ имавме и ќе имаме само една татковина – Македонија. На овој ден, не можеме да не се присетиме на често цитираната порака од Блаже Конески: „Јазикот е нашата единствена комплетна татковина“. За жал, неретко, и само флоскулно цитирана и злоупотребувана порака. Но, ние, во „Матица македонска“, следејќи го аманетот на оние што нѐ задолжија, со сето она што го работевме и го работиме, со сето она што го создадовме и го создаваме, бевме и сме на браникот на нашата единствена комплетна татковина. Објавувајќи ги делата на најзначајните македонски автори, поддржувајќи ги младите писатели, објавувајќи ги највредните дела од европската и светската книжевност на македонски, залагајќи се македонските изданија и да бидат првите на Балканот… Објавувајќи ги клучните монографии за македонската историја и за македонската култура, но и реобјавувајќи ги клучните дела од македонската историја коишто се негација на сите негирања…

Почитувани граѓани на Македонија,

И по 34 години од македонската самостојност и независност, и 34 години од нашето основање, „Матица македонска“, секогаш ќе биде на браникот на нашата единствена комплетна татковина. Со објавување на клучните книги на и за нашата единствена татковина – Македонија. Земјата за која Петар Поп Арсов рекол дека ако не постоеше, ќе требаше да ја измислат европските сили, за доброто и мирот на Балканот.

Ако во изминативе 34 години, секој, со она што го работи, создава и гради се стремеше кон совршенство, чиниме, Македонија и македонската нација ќе беа многу посреќни… Но, да ја научиме лекцијата – од минатото, од сегашноста, од историјата, и од книгите… И во годините пред нас, сите заедно да се бориме за совршенството за и во нашата Македонија. Тоа не е само обврска кон нашите претходници што се вградија во темелите на нашата држава и се себежртвуваа за нашата слобода, туку и на нашите деца, и на нашите внуци, и на тие што ќе се родат по нив… Затоа што ако ние не се бориме за совршенство, може да се случи тие генерации да ги вратиме чекори назад и допрва да се борат за слободата…

„Матица македонска“ продолжува и до крај ќе се бори за совршенство – за афирмација на македонскиот јазик, книжевност и култура и за присутност на македонската книга во секој македонски дом!

И знаеме… Заеднички, секоја битка за Македонија ќе можеме да ја добиме!

Нека ни е честит 8. Септември!

Нека ни е вечна Македонија!

Поврзани вести