Skip to main content

„Чернодрински“ е фестивал на сите театри во Македонија и заслужува да биде третиран како таков

МТФ „Војдан Черднодрински“ / Ана Стојаноска: Прилеп треба да има театар, тоа повеќе не е ниту прашање ниту тврдење, туку насушна потреба

Со врачувањето на наградите во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, синоќа заврши 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Аплаузи, воздишки, силни пораки за изградба на нов театар и реновирање на зградата на постоечкиот што е затворен, но и за одличната организација на фестивалот чиј квалитет кој од година в година расте.

Прилеп е град театар, Прилеп е местото на фестивалот, Прилеп е фестивалот. Прилеп треба да има театар, тоа повеќе не е ниту прашање ниту тврдење, туку насушна потреба, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот и селектор на програмата на затворањето на фестивалот.

59. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп од вечерва оди во нашата колективна меморија. Го затвораме со едно чувство на мир и исполнетост на сите зададени цели и визии, како може покрај сите предизвици да се смееме и осмелиме на сето тоа во и околу нас. Ова е фестивал на сите театри во Македонија и дека заслужува да биде третиран како таков. Ова е местото што ги спојува сите идеи, креативни процеси, конструктивни дијалози, ова е платформата на заедничкото театарско живеење. За жал, сѐ уште не сме дојдени до реализација на таа идеја – сите да работиме за уште поуспешен фестивал – рече Стојаноска.

Таа се заблагодари на публиката за секој знак поддршка, за секоја посетена претстава, за секој осведочен настан на нашиот фестивал, на својот тим, на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, сите пријатели на фестивалот, сите медиуми што нѐ поддржаа, новинарките што ревносно ги следеа сите настани, домаќините на фестивалот, актерите и театарските креативци од Прилеп што се секогаш наша поддршка.

Мојот најсилен аплауз е за овие млади луѓе во црвени маички што осум дена го шаренееја Прилеп и ни помагаа на сите нас. Драги волонтери, вие го правите нашиот фестивал најубавото место за дружење. Мојата листа со прекрасни нешта за крај: Прилеп наутро додека се буди градот, волонтерите на сите страни, смеата на тимот и сите осмелувања и решавања на предизвиците, прекорот кај оние што треба да ни кажат какви сме, радоста во очите на дечињата на детска зона, прегратките меѓу нас, благодарната публика, отвореноста да создаваме уште повеќе. Се гледаме на 60. јубилејно издание! – рече Стојаноска.

Големи аплаузи им посвети публиката на волонтерите, кои се многу важна нишка за да имаме подобар фестивал.

Наградените на Фестивалот / фото: МТФ „Војдан Черднодрински“

Поголемиот дел од лауреатите пристигнаа синоќа во Прилеп за лично да ги подигнат своите награди. Меѓународното жири, составено од Лилија Абаџиева, претседател, Иван Меденица и Нела Оташевиќ ги одбра наградите. Абаџиеца и Меденица ги читаа наградите на македонски јазик.

Награда за кореографија и сценски движења ја доби Васил Зафирчев за „Рацин“.

Необично сум возбуден поради големата чест за ова награда, а второ, среќен сум што ја примам на 13 јуни, 82 години од погибијата на Рацин. Како велешанец, за мене тоа е големо. За вербата на оваа визија им благодарам на Дејан Пројковски и Сашо Димоски, се разбира, и на публиката.

Наградата за најдобар рекламен материјал ја доби Медина Хоџа за „Слепци“ и рече дека истата е поттик за младите уметници.

Музичарот Сашко Костов награден за најдобра музика во „Рацин“, рече:

На 13 јуни беше убиен Рацин и на оваа дата тој воскресна го Прилеп. Ова е моја прва награда по 14 год во Велешкиот театар. Голема благодарност до колешката Орхидеја Дукова за наградата. Извини што бев напорен и строг додека работевме. Им благодарам на мојата сопруга и на мојот син Олег за поддршката, зашто во последните 3 години не сум прибран дома.

Валентин Светозарев примајќи ја наградата за најдобра сценографија, рече:

Мојата професија е архитект. Може никогаш не направив куќа со високи шимшир порти, ама по некоја сценографија направив.

Актерот Атанас Атанасовски во негов дух рече дека пред 10 години ја добил наградата за млад актер и дека овој гест на жирито значи дека не старее.

Слаѓана Вујошевиќ, примајќи ја наградата за најдобра млада актерка, упати силна порака до прилепчани.

Пред 10 години Турскиот театар немаше своја зграда, односно, во тој момент ја изгуби. 10 години подоцна уште ја нема, но има еден ансамбл со големо сеце истрајност и гордо изјавувам дека сум дел од тој колектив кој храбро не престанува да твори во секакве услови. Ова е награда за мојот колеги без кои оваа награда немаше да се случи, Прилепчани, не давајте се, бидејќи уметноста ќе победи.

Оливер Митковски ја прими наградата за најдобра епизодна машка улога.

Речиси секоја година доаѓам во Прилеп и се чувствувам релевантен да кажам дека од година в година се подобрува нивото на фестивалот. И се надевам дека Прилеп конечно ќе добие зграда во која ќе може да ужива публиката – рече Митковски.

Актерката Марија Минчева Андонов од Народниот театар од Штип, наградена за главна женска улога, истакна дека ù е чест што ја добива оваа награда.

Голема благодарност со режисерката Нела Витошевиќ и до Ана Ристоска Трпеноска, до жирито и, секако, до публиката што дише со нас. Оваа награда е доказ дека театарот сè уште има моќ да лекува и дека има прекрасни нешта за кои вреде да се живее.

На публиката ù се заблагодари и Мартин Мирчевски, кој беше награден за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар.

Примајќи ја наградата за најдобра режија, Ќендрим Ријани истакна дека фестивалот во секоја наредна година станува сè подобро организирам, ама во полоши услови.

Ќендрим Ријани: Наградата му ја посветувам на ансамблот на Турскиот театар. Ова е колективна режија и тие ја заслужуваат повеќе од мене / Фото: МТФ „Војдан Черднодрински“

Убаво е што жирито е странско. Наградата му ја посветувам на ансамблот на Турскиот театар. Ова е колективна режија и тие ја заслужуваат повеќе од мене. Ние уметниците понекогаш можеме да правиме нешто добро и без пари, но театарска зграда не може да се направи без ништо. Се надевам дека тие што треба, ќе дадат пари за нова зграда – истакна Ријани.

И Никола Кимовски, директорот на МНТ, го пофали квалитетот на фестивалот.

Им благодарам на сите учесници од организацијата на фестивалот. МНТ годинава одбележува 80 години постоење и ова е петта награда што ја добиваме за половина година. Му ја посветувам наградата на целиот ансамбл.

И режисерот Синиша Евтимов им се заблагодари на актерите во претставата и на својата фамилија.

Синиша Евтимов, режисер на наградата претстава „12“ во продукција на МНТ / Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

Животот кој го создава актерскиот ансамбл на 12 е како филмска сцена во еден кадар – во овој театарски one shot актерите постигнуваат совршена органика, и во партнерството, и во градењето на ликот преку перипетиите на сижето. Секој од овие актери, коишто на различен начин се дел од историјата на современиот македонски театар, сјae со својата посебна автентичност како исклучително актерско присуство – рече во своето обраќање Абаџиева.

Наградата за костимографија ја доби Самка Гери за „Ричард Трети“ на Албанскиот театар. Наградата за најдобра споредна женска улога ја доби Маја Љутков за „Пар-распар“ на Театар Комедија. Наградата за современа сценска драматизација и адаптација ја доби Јелена Цветановска за „Црно семе“. Награда за современ драмски текст со мнозинство на гласови ја доби Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на Драмски театар – Скопје.

Во чест на наградите, Театар Комедија ја изведе претставата „Вистината 2“ во режија на Владимир Јурц.

Покровители на 59. издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.

Поврзани вести