Skip to main content

„Браќа Манаки“ и Битола ќе пречекаат великани, оскаровци и врвни автори од 20 до 26 септември

ИФФК „Браќа Манаки“ / Ќе пречекаме великани, оскаровци, врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, нашите лауреати, вели Димитрија Доксевски, директор на Фестивалот

По 46- ти пат „Браќа Манаки“ ќе ја отвори својата врата за светлината на камерата. Овој фестивал е повеќе од традиција, тој е жив организам, пулс на едно општество што сака да биде витално, храбро и отворено за промена.

Целосно подготвени и возбудени го започнуваме 46. издание на првиот и најстар фестивал на филмска камера во светот, во полн сјај. „Браќа Манаки“ и Битола, една недела ќе бидат центарот на филмски случувања во светот. Ќе пречекаме великани, оскаровци, врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, нашите лауреати. Тие ќе одржат мастеркласови, ќе престојуваат во Битола и ќе се дружат со нас за време на фестивалот, рече денеска на прес конференцијата во Битола, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.

Во главната програма не очекуваат филмови што доаѓаат од храмовите на светскиот филм Кан, Венеција, Берлин- и кои носат со себе свежина во визуелниот јазик, естетска извонредност и авторска совест што зборува за времето во кое живееме.

Оваа година имаме огромна бројка на акредитирани гости кои ќе присуствуваат во Битола за време на целиот фестивал. Исклучителен избор на филмови од официјалните програми. Имаме филмски ремек- дела кои се дел од специјалните проекции. Исклучителни гости кои ќе бидат дел од работилниците,, предавањата и панелите на кои ќе говорат докажани и еминентни автори, рече Доксевски.

Фестивалот ја враќа и програмата Макпоинт, зошто македонската продукција заслужува да биде гледана и препознаена.

фото: ИФФК „Браќа Манаки“

Макпоинт програмата има одлични македонски филмови кои публиката ќе може да ги гледа под отворено небо на платото пред Офицерскиот дом во Битола. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на целата логистика и помош од Битола. На директорите на Центарот за култура-Битола, Кино Манаки, Офицерскиот дом и сите вработени. Со овие институции договоривме за време на фестивалот за сите проекции на филмовте студентите да имаат 50 % попуст, со цел младите да можат да проследат што повеќе филмови за време на фестивалот. Да сонуваме филмски наредниве седум дена и да уживаме во еден од најубавите фестивали, нашиот „Браќа Манаки“, рече Доксевски.

На прес-конференцијата се обрати и Бранкица Толевска, раководител на бизнис трансформација, корпоративна стратегија и корпоративни комуникации во А1 Македонија, кои се генерален спонзор на фестивалот. Тие препознаа квалитет и несебично го поддржаа.

Поврзани вести