Skip to main content
0ajITOpGUoc

Бошко Грујоски: Само двајца луѓе работат на дигитализација во Кинотеката, потребно е да се обучат што повеќе кадри

Кинотеката на Македонија е национален филмски архив формирана со Закон во 1974 година како Кинотека на Македонија, и се занимава со прибирање, чување, заштита, обработка, истражување и презентирање филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго значење, особено на националното филмско наследство. Покрај тоа, Кинотеката ги прибира и филмовите и филмските материјали кои се однесуваат за Македонија, а се снимени од странски филмски сниматели, како и филмови од светската продукција.

Кинотеката континуирано се грижи за развојот на филмската култура кај нас преку редовната кинотечна филмска програма во Скопје, но и со гостувања низ Републиката.

 Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при работната посета на НУ Кинотека на Македонија, потенцираше дека македонското аудиовизуелно наследство е многу значајно, но значајно е да се одржува и да има средства за тоа.

Изминатите седум години, токму оваа институција, која е најстара институција задолжена за чување на аудиовизуелното наследство, во споредба со периодот пред 2017 година, имаше намален буџет за речиси 50 – 60 проценти, што ја покажува и недоволната посветеност на претходното раководство за грижата кон филмското наследство, рече министерот Љутков, најавувајќи зголемување на буџетот за оваа национална установа.

Тој најави зголемување буџетот на Кинотека и на тој начин институцијата полека ќе се враќа, како што рече, на здрави нозе, по системското уништување.

Министерот Љутков потсети дека Кинотеката на Македонија во 2009 година беше меѓу водечките европски филмски архиви обезбедувајќи климатизирани депоа по меѓународни стандарди за чување на македонското филмско наследство, а во 2011 година беше меѓу првите европски филмски архиви од регионот коишто започнаа со реализација на долгорочниот проект за дигитализација и дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство.

На средбата со новиот в. д. директор на оваа установа, Бошко Грујоски, беше истакнато дека во изминатите три месеци е завршена реставрацијата на дигиталната копија од краткиот игран филм „Писмо“, во режија на Васил Христов, а заврши и скенирањето на филмската копија на филмот „Мис Стон“, во режија на Жика Митровиќ, по што следува дигитална реставрација на овој игран филм. Во 2025 година следува дигитална реставрација на наслови од „златното време“ на македонскиот анимиран филм, како и дигитална реставрација на играниот филм „Македонска крвава свадба“, во режија на Трајче Попов.

Директорот на Кинотеката,  Бошко Грујоски посочува дека дигитализацијата во започнала во 2011 година со дигитална реставрација на филмскиот опус на браќата Манаки во лабораторијата во Будимпешта.

Кинотеката е национален филмски архив кој ги прибира, чува, заштитува, обработува, истражува и презентира филмовите и филмските материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго значење, особено на националното филмско наследство.

Подготвија:

новинар, Невена Поповска

видео: Александар Ивановски

монтажа: Александар Арсовски

Поврзани вести