
Во Ликовната галерија при Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 19 часот ќе биде отворена ретроспективна изложба на слики на уметникот Боро Арсовски – Бабата. Со изложбата авторот одбележува 55 години уметничка дејност.
Според историчарот на уметноста, Роберт Цветковски, при обидот за евалуација на авторскиот придонес кон македонската наива, специфично движење на неакадемските ликовни уметници во доцните 60-ти и раните 70-ти години, неизоставно е името на авторот Боро Арсовски-Бабата.
Во таа смисла и одбележувањето на овој значаен јубилеј на Арсовски е настан којшто е значаен за македонската ликовна сцена од повеќе аспекти – авторски, историски, национални и идентитетски. Неговата инвентивност, повеќегодишниот авторски континуитет во земјата и пошироко (Србија, Хрватска и Словенија) како и специфичниот заокружен и јасно дефиниран сликарски израз којшто изобилува со богат визуелен вокабулар, го става во редот на најзначајните претставници на македонската наива – вели Цветковски
Aрсовски (село Страцин, 1952) со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец. Воедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота. Првпат излага во 1971 година со ДЛУК од кога е и член на друштвото со кое настапува на многубројни годишни изложби ширум Југославија. Учествувал на повеќе од 30 меѓународни ликовни колонии на наивна уметност, на повеќе од 200 групни изложби и 5 самостојни.

Македонски








