
Веќе пет и пол децении наназад, Фестивалот „Илинденски денови“ претставува вистински простор за промоција на културното наследство во сите појавни форми – музиката, танцот, игрите, обредите, обичаите, традиционалните носии и сите останати формати на уметничкиот израз, рече синоќа потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, на отворањето на Фестивалот „Илинденски денови“.
Додаде дека секоја година, во пресрет на великиот Илинден, фестивалот продолжува со својата основна визија и мисија – да ја промовира домашната и интернационална народна уметност и култура со цел зачувување на културните идентитети ширум светот и афирмација на интернационалниот фолклор како начин за зајакнување на културата на разбирањето, толеранцијата и меѓусебната почит и соработка меѓу народите.
Битола, градот каде градската Саат-кула ги мери вековите, градот на конзулите и клавирите, на пајтоните и чаршиите, градот каде Истокот се пресретнува со Западот, деновиве повторно ќе блеска со величествен сјај. Битола деновиве ќе живее и пулсира во ритам, звуци и танци од сите краишта на светот. Битола деновите ќе доживее вистинска експлозија на бои и традиционални носии кои гордо ќе ги презентираат изведувачи од САД, Венецуела, Порторико, Кина, Грција, Холандија, Словачка, Унгарија, Шведска… Битола, по којзнае кој пат пред светот ќе го промовира и автентичниот, автохтон македонски фолклор со звуците на зурлите и тапаните, кавалите и гајдите, во единствениот 7/8 такт кој е оригинална македонска особеност, презентирајќи ги македонските неповторливи ора како „Комитското“ и „Касапското“, „ Малешевското“ и „Калајџиското“, „Невестинското“ и „Арнаутското“, „Шопското“ и „Тешкото“… а македонските народни носии ќе сведочат за богатството на многувековната македонска културна и историска автентичност, рече Бендевска.
Затоа, додаде таа, Битола ќе биде точката на поврзување на уметници од сите светски меридијани – центар на светот во кој се зборува на универзалниот јазик на музиката, песните, танците и ората; Битола деновите е градот кој ќе ги руши сите стереотипи, заблуди и предрасуди, промовирајќи дух на пријателство наместо ривалство, заедништво наместо поделби, прифаќање на разликите наместо нетолеранција, љубов наместо одрекување.
Собранието на Република Македонија како претставнички дома на граѓаните и традиционален покровител на овој фестивал ќе продолжи и понатаму да дава силна поддршка на овој вонредно важен фестивал, со мисија и визија за културен натпревар меѓу народите, што како принцип во аманет ни го остави најголемиот македонски син – Гоце Делчев. Нека живее духот на Илинден низ битолските улици, нека биде победа на уметноста и традицијата! Со добра мисла и најубави желби за мир, толеранција, прифаќање и почит меѓу народите, го прогласувам 56. Фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ за отворен!, порача Бендевска.

Македонски



