Skip to main content

Беше наш другар и нашата мајка, најголем сооборец на независната сцена, жена која преку културата успеа да нè научи да се сака Македонија, рече Русе Арсов на комеморацијата за Илинденка Петрушева

Членови на семејството, пријатели, колеги, соработници, другари се збогуваа со Илинденка Петрушева (81), извонреден познавач на филмот чии филмски рецензии се учебник за концизна и прецизна филмска критика на комеморацијата што во нејзина чест денеска ја организираше нејзината матична куќа, Кинотеката на Македонија.

Петрушева, филмски критичар, публицист, истражувач, долгогодишен раководител и советник во Кинотеката, основач и 25 години уредник на списанието „Кинопис“ почина на 6 септември годинава.

Повеќе децении Петрушева беше посветена на истражувањето, проучувањето, прибирањето, архивирањето, презентацијата и популаризирањето на филмската уметност кај нас и со своите иницијативи ги поставила темелите на филмскиот архив.

Илинденка Петрушева е добитник на државната награда „Свети Климент Охридски“ за животно дело и во 2017 на признанието „Златен објектив“ што го доделува Кинотеката / Фото: Република

Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката, на комеморацијата рече дека Илинденка Петрушева е меѓу тројцата потписници на основачкиот акт на Кинотеката на Македонија, работела од првиот ден на институцијата до пензионирањето во 2009 година. Била и меѓу иницијаторите за основање на ИФФК „Браќа Манаки“ и меѓу основачите на филмските фестивали „Македокс“ и „Астерфест“.

Врвен ерудит, жена која го познаваше животот, пред сè извонреден човек, добар човек. Филмот го знаеше во малиот прст, од неа ги научивме големите ремек-дела, ги знаеше опусите на режисерите, посебно и беа драги шпанската и латиноамериканската кинематографија, одлично го познаваше и документарниот филм. Скромна, не патеше од признанија, но секогаш подготвена да помогне… Токму онака како што деновиве ја нарече филмскиот критичар Влатко Галевски – таа е единствениот македонски филмски академик, рече Чупоски.

Се присети дека како почетници во филмологијата, Илинденка Петрушева суптилно им укажувала на грешките и интерно ја нарекувале „класната”, но не со иронија, рече, туку затоа што ја сметале за авторитет од кој секогаш можеле да учат.

Посочи дека била љубителка и на аматерскиот филм за кој оставила две значајни монографии, дека нејзините текстови во југословенската и македонската периодика биле примери за релевантна филмска критика, а како особено значаен Чупоски го спомна и нејзиниот придонес како историчар на филмот и тоа што им расветлила многу дотогаш непознати личности од македонската кинематографија од предвоениот период и меѓу двете светски војни. Како што рече, членувала во сите можни здруженија за филм, како и во Интернационалната федерација за филмска критика (ФИПРЕСЦИ).

Режисерот Столе Попов истакна дека Илинденка Петрушева е „најминуциозен познавач на филмот, од сите негови аспекти и со филигранско чувство“.

Ако некој сестрано го познаваше филмот како феномен, како уметност, како филозофија животна, како еден голем, бескарен сон, тоа беше Илинка. Ја чувствував навистина како голем, личен пријател, како другарка од детството, иако во раното детство не се познававме. Се познававме од раната младост, кога престојував во Белград, од студиите и моите први филмови. И секогаш кога имав потреба да чујам искрено мислење, на кое бескрајно му верував, тоа беше мислењето на Илинка, рече Попов.

Режисерот Борис Дамовски, пак, прочита вовед од нејзина книга во која таа се сеќава на подарокот за 13-тиот роденден – „Филмски лексикон“, издание од 1953 година, што го чувала како книга број 1 во нејзината библиотека.

Беше неприкосновена, хроничар на љубовта кон филмот, жена со заразен оптимизам и енергија рамна на далновод … Секој разговор со неа, нејзината неверојатна меморија за настаните, луѓето, времињата, инспирираа приказни, кажа Дамовски во емотивниот говор за Петрушева.

На крајот од комеморацијата зборуваа нејзиниот син, режисерот Бранд Ферро, и Русе Арсов од Младинскиот културен центар кој го имал последниот разговор со Петрушева. Ферро кажа дека неговата мајка им всадила високи етички вредности во семејството.

Ферро кажа дека неговата мајка им всадила високи етички вредности во семејството / Фото; Република

Добивме воспитување кое не е баш за ова време, меѓутоа за вечно време е. Не научи дека верата е да се верува во добро, верата и културата е да се има добра и позитивна мисла, така и функционираше. Живееше, говорше и пишуваше во срце, и тоа ни го втемели. Многу сме и благодарни, тешко се живее со такви норми, меѓутоа многу беше свесна. Доаѓа од семејство на социјаланархисти, таа толку се даде во културата. Знам со колкава љубова и ентузијазам градеа различни форми за подигање на културата. Бабе, така те велевме, бабе Иле последните 30 години во поблиската фамилија, велевме бабе Иле е царица, си премина со многу млад дух, секогаш се потпираше, беше опкружена и блиска со многу луѓе кои беа млади по дух. Фала ти за сите фестивали по кои не м’кнеше, не броеше на железнички станици, ни овозможи да преспиеме во пулската арена како клинци и ни овозможни неконвенционални учители и непроспиени ноќи. Бабе, да ти е светол патот, знам дека си во добри раце и дека нема да престанеш со градење на културата. не задолжи и ние ќе продолжиме, кажа Ферро.

Арсов кажа дека ја чувствувал како мајка од која многу научил и имал убави разговори со неа, меѓу кои и последниот што го имал, рече, „неколку дена пред да реши да нè напушти … иако беше најубава како секогаш, полна со енергија и со креативен набој“.

Секако, разговаравме за работа, што се случува со МКЦ, каде што таа беше првиот уредник во МКЦ од каде заминува во Кинотеката и таму го продолжува животниот пат … Илинка беше, пред сè, наш другар и нашата мајка, најголем сооборец на независната сцена, жена која преку културата успеа да нè научи да се сака Македонија, истакна Арсов.

Илинденка Петрушева е добитник на државната награда „Свети Климент Охридски“ за животно дело и во 2017 на признанието „Златен објектив“ што го доделува Кинотеката. Во 50 години постоење на Кинотеката, како што рече филмологот Чупоски, Петрушева е единствен добитник на оваа награда директно поврзан со Кинотеката.

Поврзани вести