
Одличната претстава „Бесачи“ на актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев од Бугарија се враќа на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) на 9 и 10 февруари во 20 часот.
„Бесачи“ премиерно беше изведена на 24 септември 2019 година. По одличниот прием кај публиката имаше неколку избедби и потоа почна пандемијата со ковид-19 во 2020 година. Поради големата екипата која беше на сцената, претставата претстана да се игра. „Бесачи“ е една од претставите кои ги најави директорот Никола Кимовски дека ќе бидат вратени на репертоарот на Националниот театар.
Пиесата ја тематизира смртната казна, укината во Велика Британија во средината на 1960-тите години. Првпат е поставена во Лондон пред десет години. Мекдона почнал да се занимава со темата откако таа веќе била излезена од фокусот на јавноста, а причината за тоа, смета режисерот, е што верува дека и покрај укинувањето на смртната казна, човечките инстинкти и импулси за насилство продолжуваат да го водат и да го владеат духот на човекот.
Авторот на текстот Мартин Мекдона е познат по црните комедии (четири драми му се номинирани за најпознатата театарска награда „Тони“), а исто така е добитник и на „Златен глобус“ и номиниран за „Оскар“ за оригинално сценарио пред две години за филмот „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“. Сценарист и режисер е и на филмовите „Six-Shooter“, „Во Бриж“ и „Седум психопати“. Во светот на театарот е познат по тоа што вовел нов жанр, т.н. „in-your-face theatre“ (театарски правец со презентирање бесрамно агресивни, вулгарни или провокативни текстови), а неговите драми и сценарија се крајно духовити и сурово реалистични.
Бесачот Хари (Никола Ристановски) е и газда на паб во Северна Англија и е омилен меѓу пијаниците кои секојдневно дремат на шанкот и му се „гребат“ за бесплатно пиво. Откако ќе биде укината смртната казна, останува без работа и ќе даде интервју за локалниот весник. Иако предупреден да не зборува многу за оваа тема, Хари кажува многу повеќе отколку што е потребно. Хари е горд бесач на криминалци, силувачи и убијци, но погубувањето на Хенеси (Александар Михајловски) не му дава мир. Алис (Камка Тоциновски) е сопруга на Хари и горделива газдарица на пабот во кој се пијанат локалните безделничари Бил (Владо Јовановски), Чарли (Гораст Цветковски), Артур (Александар Микиќ) и инспекторот Фрај (Ѓорѓи Јолевски). Ширли (Дарја Ризова) е ќерка на Хари и Алис. Сид (Благој Веселинов) му е асистент на Хари и Муни (Кире Ѓоревски) се клучни во замрсување на приказната и кулминација на дејствието. Алберт Пиерпоинт (Јордан Симонов) е колега на Хари, бесач и сопственик на паб. Пиерпоинт се појавува при крајот на претставата, откако ќе го прочита интервјуто на Хари.

Македонски




