
Во сабота, на 22-ри март 2025 година, во Охрид ќе се одржи настанот „Начинот на Чипан“: изложба + дискусија + публикација, организиран од колективот АРХРИД, со поддршка од Општина Охрид и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.
– Овој значаен настан има за цел да ја одбележи 70-годишнината од изградбата на Феријалното одморалиште во Охрид и објавувањето на книгата „Стара градска архитектура во Охрид“ од Борис Чипан, како и да ги промовира резултатите од интернационалниот архитектонски конкурс „Наутички клуб-Охрид“. Настанот опфаќа богата програма со две панел-дискусии, изложба и публикација, при што учесници ќе бидат реномирани архитекти, професори и конзерватори кои ќе разговараат за архитектонското наследство и неговата иднина, информираат организаторите.
Претпладневна агенда ќе се одржи во амфитеатарот на УИНТ „Св. Апостол Павле“ во Охрид каде ќе има обраќање на претставник од Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, како и презентација на Ценовници за инженерски услуги и Тарифник за урбанистичко планирање. Вечерна агенда ќе се одржи во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид. каде се предвидени изложби, како и дискусии: 1955 година: Архитектонското наследство како основа за современо и 2025 година: Што со модернистичкото наследство денес? Архитектонскиот конкурс како алатка.