
Високите летни температури не го намалија ентузијазмот на малата екипа археолози без прекин да ги откриват закопаните тајни на неолитската населба Тумба Маџари во Скопје. Годинава Тумба Маџари на неолитската археологија и подари неколку исклучителни археолошки наоди. Уште на самиот почеток на истражувањата се откри еден нов археолошки предмет, веројатно со култна намена, кој претставува симбиоза на тело на животно со тело на жена, со конусен реципиент на грбот (зоо-антропоморфен жртвеник), објави НУ Археолошки музеј.
Следен наод, кој уште повеќе ги мотивираше археолозите да истражуваат, и во моментов за нив е загатка, е керамичкиот сад кој на прв поглед потсетува на птица. Но, и во овој предмет, вешто е претставена уште една ликовна симбиоза, овој пат меѓу тело на птица, со лице на човек (веројатно на жена која многу потсетува на изведбата на лицето на познатите керамички скулптури – Големите Мајки).

Овој сад (откриен во фрагментирана состојба) се издвојува и по разновидните сликани орнаменти, а на предната страна на вратот, нејасно се наѕират контури кои наликуваат на човечко тело. Не помалку вредни се и наодите, како прекрасниот пехар со сликани темни орнаменти, амфора, минијатурни керамички женски фигурини, фрагменти од предмети, познати во археологијата како жртвеници од типот масички, фрагменти од садови за разни секојдневни намени, камени и коскени алатки, накит, и секако нови фрагменти од познатитите керамички скулптури со претстава на Големата Мајка или во археолошката наука именувани уште како и антропоморфни модели на куќи.

Проектот е дел од Годишната програма за работа на Археолошкиот музеј за 2025, поддржан од Министерството за култура и туризам. Со истражувањата раководеше кустос советник м-р Елена Стојанова Канзурова, археолог. Најголемиот дел од стручниот тим го сочинуваат археолозите од Археолошкиот музеј: д-р Перо Синадиновски, м-р Буњамин Џемаиљи, Благоја Китановски, Јовица Ристов, Марија Видеска, архитект, Перо Кованцалиев, конзерватор и Тони Митрев. Како надворешни стручни членови се м-р Сашко Василевски, археолог од Кавадарци и Наталија Марчевска, апсолвент по археологија од Битола.