Skip to main content

Археолошкиот музеј ќе отвори нова нумизматичка поставка, што ќе биде централен настан на одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај

Влада

Јасна и возбудлива слика за континуитетот на животот на Скопското Кале, од праисторијата до османлискиот период, ќе прикажат постојаните поставки кои се подготвуваат за музеите на Скопското Кале, што е најголем инвестициски проект на Археолошкиот музеј во 2026 година.

Современата археологија не се темели на сензационализам, туку на одговорен и систематски пристап, кој подразбира и соработка со сродни научни дисциплини, примена на нови технологии и активно вклучување во заштитата и презентацијата на културното наследство, истакнува директорката на Археолошкиот музеј Магдалена Манаскова во интервјуто за МИА.

Директорката на Археолошкиот музеј изјави дека поставките ќе вклучат оригинални артефакти, дигитални реконструкции и едукативни содржини, со посебен акцент на достапноста за различни категории публика.

Проектот го работат заедно со Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), која ги довршува градежните зафати на музеите. Во моментов се прави ревизија на материјалот од капиталните археолошки истражувања на Калето што беа реализирани од 2007 до 2016 година и од него ќе се изберат предметите што ќе бидат изложени во музеите.

-Паралелно, се работи на нивна концептуализација, која се базира на современи музеолошки принципи – интерактивност, наративност и мултимедијален пристап, вели Манаскова во интервју за МИА.

Археолошкиот музеј наскоро ќе отвори и нова нумизматичка поставка, што ќе биде централен настан на одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај.

Годинава ќе се работи на 16 археолошки проекти во државата, од кои две се подводни археолошки истражувања во Охридското Езеро – на локалитетите Врбник и Пенелопа. Археолошкиот музеј минатата година формираше одделение за подводни археолошки истражувања, како и одделение за применета археолошка наука и технологии.

Еден од клучните сегменти во работата на Музејот, кој чува речиси половина милион предмети, е конзервацијата на движното археолошко наследство. Манаскова укажува дека се соочуваат со недостиг од конзерватори специјализирани за различни материјали.

Овој проблем не е изолиран, туку е резултат и на недоволно развиени образовни програми во оваа област, што го ограничува создавањето нови генерации стручњаци за конзервација на движното археолошко наследство, посочува директорката на Музејот и смета дека е неопходно системско решение преку воведување и развој на образовни програми и обуки, во соработка со високообразовните институции.

Археолошкиот музеј и натаму го задржува статусот на најпосетувана музејска институција во државата. Интерес од посетителите има за разни теми, но најсилно реагираат, вели Манаскова, кога предметите се ставени во контекст и зад нив стои приказна што им овозможува да се поврзат со минатото.

Во однос на археолошките истражувања, пак, таа додава дека тие не се потрага по богатство, туку пред сè научен процес насочен кон откривање, документирање и интерпретација на материјалните траги од минатото.