
Друштвото на филмски работници на Македонија објави дека 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ оваа година ќе се одржи од 19 до 25 септември.
Подгответе се за многу незаборавни дружења со реномираните светски кинематографери и разговори за визуелните деликатеси на седмата уметност, порачуваат организаторите.
Лауреатите на „Манаки“ се врвни мајстори на филмската фотографија, чијшто епохални остварувања ја разбранувале филмската индустрија. Оваа година кинематограферите со нивните нови остварувања ќе се борат за престижната награда Златна камера 300, а во исто време ќе се откриваат дебитантите и ќе посведочиме на првите исчекори во кариерата на идните мајстори на филмскиот занает.
Од 19 септември филмските рефлектори и проектори ќе светат во Битола, престолнината на филмската камера и филмот. „Манаки“ ќе биде центар на филмските збиднувања и сликата во движење, по 47-ми пат. Камерите во рацете на големите мајстори создаваат вредни дела кои ќе ги гледаме од 19-ти до 25-ти септември во Битола, најавува организаторот.

Македонски



