Skip to main content

Заврши истрагата за отпадот во Визбегово, обвинети три физички и едно правно лице

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведената истражна постапка, поднесе обвинение против три физички и едно правно лице за кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 од Кривичниот законик.

Како што информира Јавното обвинителство, обвинетите, од 28 февруари 2025 до 9 јули 2025 година, незаконски оставале, собирале и управувале со опасен отпад што содржи супстанции што имаат својство на експлозивност, запаливост, надразливост, токсичност, канцерогеност и екотоксичност на катастарска парцела во Визбегово на која за тоа немале соодветна дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.

На 9 јули 2025 година на локацијата избувнал пожар, кој, поради обемот и опасноста, не можел да се стави под контрола, при што согорел дел од непрописно складираниот отпад. Тоа предизвикало масовно испуштање црн чад и значително загадување на воздухот, потврдено со мерењата на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана при АРМ. Крајната последица од незаконитите дејства на обвинетите е и предизвиканата потенцијална опасност за животот и здравјето на луѓето.

Со истрагата е утврдена одговорност кај една сопственичка и управителка на обвинетото правно лице, која заеднички и со умисла заедно со второобвинетиот, кој учествувал со особен придонес во работата на правното лице, ги презела незаконитите дејства. Обвинение за дејства од чл. 230 ст. 6 е поднесено и против уште една сопственичка на друштвото и на парцелата, која не била свесна за можноста од настапување штетна последица, иако според околностите на случајот и своето лично својство била должна и можела да биде свесна за таа можност – се наведува во соопштението.

Поврзани вести