
Нови два случаи на измама, каде жртви се постари лица, на кои „инспектор“ им јавува дека нивното дете или внук/а прегазиле мигрант и дека ако не сакаат да лежи во заатвор треба да платат.
Вчера во 16.00 часот во СВР Скопје, 86-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно машко лице за сума од околу 112.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете-мигрант кое починало и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа парите што ги имала во домот ги ставила во кеса и ги фрлила од балконот, како што и посочило лицето.
Исто вчера, во 18.00 часот во СВР Скопје, 74-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно машко лице за сума од околу 2.000 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски и ѝ кажало дека нејзиниот син и неговата сопруга предизвикале сообраќајна несреќа во која прегазиле дете–мигрант и доколку не сака тие да лежат во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа парите ги оставила на договореното место, а откако се вратила во домот и го видела нејзиниот син сфатила дека била измамена.
Од МВР преземаат мерки за расчистување на двата случаи.
Иако се фатени неколку измамници кои ќариле на оваа измама, сепак, случаите зачестија во последниот период.
Разговарајте со вашите родители или постари роднини и предупредете ги.