
МВР потврди дека е одреден 30-дневен притвор против 15-годишникот и против уште едно 37-годишно лице, кои во неделата убија човек во „голф“ во Тетово со висококалибарско оружје, а при тоа тешко повредија други жртви кои се затекнале на местото.
Против Р.Т. (37) од Тетово, кој беше повреден во престрелката и сместен во медицинска установа во Скопје за укажување на помош, и против 15-годишник од Гајре, тетовско, кој беше лишен од слобода во понеделникот, се поднесени пријави за убиство, за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи и за тешки дела против општата сигурност.
Против М.Т.(45) од Тетово и З.М. (37) се поднесени истите пријави,но засега тие се во бегство и полицијата трага по нив.
„На 10.08.2025 на улицата „Благоја Тоска“ во Тетово, Р.Т. и 15-годишникот со употреба на автоматски пушки лишиле од живот едно лице, а го довеле во опасност и животот и телото на други лица, вклучувајќи и еден од останатите осомничени. Со автоматските пушки тие испукале повеќе куршуми кон автомобил „голф“, со кои го погодиле сега покојниот, кој бил на возачкото седиште. Два проектили завршиле во градниот кош на совозачот кој здобил тешки телесни повреди со конкретна опасност по животот. Еден проектил завршил во десната натколеница на дете родено 2012 година, кое се затекнало во непосредна близина.
Иако бил ранет од престрелката, З.М. и уште едно лице извадиле пиштоли и почнале истовремено да пукаат кон возилото кое се оддалечувало и притоа погодиле друго лице кое се здобило со тешки телесни повреди, а куршуми завршиле и во возило на жена чија сигурност исто така била загрозена. За сите осомничени од страна на надлежен судија е одредена мерка притвор од 30 дена. М.Т. и З.М. се во бегство и се преземаат мерки за нивно пронаоѓање и лишување од слобода“, извести МВР.