Skip to main content

Кривична пријава против Блерим Беџети и раководител на сектор кај Данела Арсовска: Осум екс функционери од Сарај и Град Скопје ја злоупотребиле службената положба

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против осум лица, поранешни функционери и службеници во Општина Сарај и Град Скопје, како и против еден надзорен инженер, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.

Меѓу пријавените се поранешниот градоначалник Б.Б., поранешните секретари на Општина Сарај С.Ш. и Ќ.К., раководителите на сектор за урбанизам А.С. и Ќ.А., помладиот соработник А.Ш., раководителот на сектор за планирање и уредување на просторот во Град Скопје И.Б.Ш., како и надзорниот инженер Љ.Т.

Како што соопшти Управата за финансиска полиција, пријавените се товарат за сторени кривични дела: „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик, „Несовесно работење во службата“ по член 353-в и „Фалсификување или уништување на деловни книги“ по член 280 од истиот закон.

Постојат основи на сомнение дека пријавените лица, вработени во Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи, стои во соопштението.

Дополнително, како што информираат од Управата, надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина.

На овој начин, пријавените лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувања, како и несовесно вршејќи ги своите должности, му овозможиле на правниот субјект ‘Азра Идриз’ ДООЕЛ од с. Глумово, Скопје – Сарај, да се стекне со противправна имотна корист во износ од 108.638.840 денари, наведуваат од Финансиската полиција.

Поврзани вести