
Кавадаречкото Основно јавно обвинителство поднесе обвинителен акт против 43-годишен жител на градот, кој се товари за убиство на сопствениот брат што го извршил кон крајот на јули годинава.
Како што информираа денеска од Јавното обвинителство на Република Македонија, кавадарчанецот е обвинет по членот 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик, односно за убиство извршено од користољубие или од други ниски побуди.
За ова кривично дело е предвидена затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.
„Со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор ќе се казни тој што: друг ќе лиши од живот од користољубие, заради извршување или прикривање на друго кривично дело, од безобѕирна одмазда или од други ниски побуди“, се вели во став 2, точка 4, од членот 123 од Кривичниот законик.
Имено, од Обвинителството во описот на настанот наведуваат дека обвинетиот 43-годишник го убил својот една година помлад брат на неговиот роденден на 27 јули, откако двајцата почнале расправија за имот.
Обвинетиот сметал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот и поттикнат од чувство на гнев и омраза го нападнал со тесла удирајќи го по главата.
„Тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брат му по главата, а кога оштетениот паднал, уште два пати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди“, велат од Обвинителството.
По ова, обвинетиот си заминал, а кога следниот ден се вратил во домот на брата си, неговото безживотно тело го префрлил во бањата. Тој продолжил да доаѓа и во следните неколку дена за да го прикрие делот, бришејќи ја крвта од подот и од другите предмети, а телото го пренел во шупата, каде го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети.
Во периодот од 30 јули до 5 август, кога било откриено телото, обвинетиот 43-годишник во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на брата си.
Инаку, дека едниот од браќата е исчезнат во полиција тогаш пријави нивната сестра, информираа на 6 август од Обвинителството.
„Во 13 часот истиот ден (5 август) пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре“, беше наведено во соопштението на Обвинителството.
Покрај поднесениот обвинителен акт, надлежниот јавен обвинител побарал на обвинетиот да му биде продолжена претходно определената мерка притвор.

Македонски








