
Битола беше разбудена од силна експлозија ноќеска околу 2 часот по полноќ, откако непознат напаѓач фрлил експлозивна направа на улицата Охридска, информираа од СВР Битола.
На 12.07.2025 година во СВР Битола било пријавено дека околу 2:05 часот, од страна на непознат сторител била фрлена експлозивна направа на улицата Охридска“, соопшти полицијата.
Од експлозијата е причинета значителна материјална штета. Според првичните информации, оштетени се повеќе патнички возила од марките „Фолксваген“, „БМВ“, „Тојота“, „Киа“, „Рено“, „Матиз“ и „Тико“, сите со битолски регистарски ознаки. Возилата биле паркирани долж улицата, каде што се случила експлозијата. Исто така, оштетени се и неколку прозорци и врати од околните куќи.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола, во присуство и по насока на јавен обвинител.
Надлежните институции информираат дека се преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на сторителот.
Жртви или повредени лица, според досегашните податоци, за среќа нема. Жителите на Охридска улица, сепак, велат дека се уште се под стрес поради силната детонација и штетата што ја претрпеле.