
Два нови случаи на врсничко насилство се регистрирани деновиве на подрачјето на Скопје.
Во првиот случај, пријавен вчера во СВР Скопје, М.Д.(52) од Скопје пријави дека на 08.05.2026 околу 12:00 часот во дворот на основно училиште на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, неговата малолетна ќерка била физички нападната од нејзина соученичка, при што настанот бил снимен со мобилен телефон од друг малолетник.
Од МВР велат дека известени биле стручните служби во училиштето, а по целосно расчистување на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.
Неделата вечер, пак, во 22:40 часот во СВР Скопје, Н.А.(43) од Скопје пријави дека околу 19:15 часот во училишен двор на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, неговата малолетна ќерка била физички нападната од друга малолетничка, која ја познавала. За оваа пријава од МВР велат дека по целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
Вчера, пак, во 14:50 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 15-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од општинско основно училиште на подрачјето на Гази Баба, дека пријавениот влегол во училиштето и со остар предмет му нанел тешки телесни повреди на 15-годишен ученик во училиштето.

Македонски



